Пред немирите имаше 16 години владеење на Чавез, по чија смрт на власт дојде неговиот наследник Николас Мадуро, кој победи на изборите во април 2013-та со разлика од 1,5%.
На 5-ти февруари во универзитетскиот град Сан Кристобал студентите излегоа на улица да протестираат и да бараат подобра заштита откако една девојка беше сексуално нападната. Властите уапсија 5 студенти. Следниот ден на улица излегоа студентите во Маракибо, вториот најголем град во земјата. Од тогаш демонстрациите не се прекинати.
Од тогаш до денес во немирите се убиени 14 лица а 712 се уапсени. Венецуела немала вакво ниво на насилство уште од обидот за државен удар против Чавез во 2002-ра.
Colectivos е контроверзната група која наводно е поддржана и вооружена од владата и која имаше насилни судири со анти-владините демонстранти "во обид да ја заштити Боливарската револуција."
Guarimbas е тактиката што ја користат демонстрантите, која подразбира изградба на барикади од запалени гуми, ѓубре и се што можат да најдат за да ги спречат нападите од Националната гарда и Colectivos.
Сето ова време владата го контролира мнозинството од медиумите во земјата и има воведено медиумска блокада на демонстрациите. Жителите на Венецуела вестите ги добиваат онлајн и преку меѓународните медиуми. Колумбискиот канал NTN24 кој ги покриваше немирите инстантно беше исклучен откако владата го обвини дека бил на страната на опозицијата. На новинарите на СиЕнЕн им беа одземени акредитациите заради нивните извештаи од земјата. Владата на кратко ги исклучи и интернетот во студентскиот град Сан Кристобал.
Иако целиот протест го носат студентите, во меѓувреме ним им се придружи и народот и политичките партии. Еден од главните опозициски ликови, Леополдо Лопез, беше обвинет од власта дека поттикнува насилство и беше објавен налог за негово апсење. Тој самиот се пријави во полиција на 18-ти февруари. Таа вечер се случија и најнасилните судири на досегашните немири.
Енрике Радонски, поранешниот претседателски кандидат и гувернер на 2-та по бројност сојузна држава, објави листа на барања и поттикна понатамошни мирни демонстрации. Претседателот Мадуро ги повика сите групи на "Мировна конференција" во претседателската резиденција.
Во меѓувреме продолжуваат судирите меѓу двете страни, а и генерално никој не гледа дека во скоро време ќе се најде решение бидејќи секој останува на своите ставови.