Краток список на парите што Пентагон ги фрлил во 2013.

Годинава отидени се милијарди долари на бродови што не функционираат, излишни пушки и тенкови кои никому не му требаат. Ова е само тоа што се знае, а добар дел допрва ќе се открива.

Тенкови. На почетокот од годината беа одвоени 436 милиони долари за изградба и одржување на моќните М-1 Абрамс тенкови, од кои американската армија има над 2.300 активни примероци и уште 3.000 во магацин.

И покрај тоа што оваа бројка на тенкови е доволна, па дури и Армијата се согласува со тоа, тие и понатаму ќе се произведуваат заради успешното лобирање од страна на нивниот производител Генерал Дајнамикс. Производството на тенкови кои не и се потребни на армијата е одговорно за 16.000 работни места, во 882 компании кои учествуваат во целиот процес. До крајот на годината Пентагон успеал да ги намали трошоците за тенковите на 181 милиони долари.

LCS (Littoral Combat Ship) модел на бродови на кој се почнува со работа во 2001-ва како дел од процената дека во иднина најголемиот дел од битките ќе се водат во овие зони.

12 години подоцна од предвидените 50, армијата има изградено само 4 вакви бродови. Не само што е бавно производството, туку има и куп проблеми со готовите бродови. Кај првиот LCS, USS Freedom, за време на тестовите се појави дупка во трупот долга 15 сантиметри, во која на секој час влегуваа по 20 литри вода.

Исто така 57-милиметарскиот автомат на бродот не е стабилен на високи брзини, плус радарот за воздушна одбрана не им е адекватен, а како крајбрежен брод тој не може да детектира ниту подводни мини (една од најголемите опасности во плитки води).

Според извештаите од Конгресот, првиот LSC чинел 670 милиони долари, а вториот 813 милиони долари. Во 2014-та, Морнарицата бара уште 1,8 милијарди долари за 4 вакви бродови. Оригинално цената на бродот требала да биде 220 милиони долари.

 

Агенцијата за логистика на одбраната (ја снабдува армијата со се' од делови до храна, облека и муниција). Во извештај за проблемите со буџетот на Пентагон, Ројтерс посебно ја нагласува оваа агенција, која има највисоко ниво на неконтролирано трошење пари. "Имаме резерва од 4 милијарди долари, и веројатно половина од тоа е вишок од она што ни треба," изјавил во август заменик адмиралот Марк Харничек, инаку директор на агенцијата.

Според извештајот на Ројтерс, агенцијата потрошила 733 милиони долари на залихи за работи од кои уште во 2012-та имала премногу. Оваа сума е само надополнување на 609-те милиони долари што подеднакво непотребно ги потрошила во 2012-та. На сето ова, во магацините се чуваат пакети со оружје и муниција од Втората светска војна, кои Пентагон сака да ги уништи ама генерално им е поевтино да ги чуваат отколку да ги уништуваат.

Тука се софтверски системи кои се платени, инсталирани и не работат, како случајот со Expeditionary Combat Support System кој Авијацијата го платила милијарди долари а никогаш не проработел.

М-4 карабинот. Армијата се обиде да ги замени карабините во 2008-ма, за што започна план вреден 2,5 милијарди долари за замена на М-4 со 500.000 нови карабини во рок од 20 години. Во јуни планот е откажан, откако беа потрошени 14 милиони долари на тестирање на 8 потенцијални замени. "Армијата испука десетици илјади куршуми од секоја пушка и на крај пак беше на нула. Ниту еден од новите карабини не ги задоволи минималните потреби," изјавил генералот Пол Островски.

На ова треба да се додадат и милијардите потрошени на проблематичниот F-35 стелт ловец, новата воена база во Авганистан од 34 милиони долари која никој не ја сака и 500-те милиони долари во хеликоптери за авганистанската армија која Авганистанците не можат да ја одржат.

виа Медиум

16 декември 2013 - 10:28