На најстарите мадридски гробишта, Сан Исидро, е закопан Фулгенсио Батиста, поранешниот кубански претседател кој брутално владее со островот во периодот од 1952 до 1959. Во 1959 тој е протеран од позицијата и од земјата од Фидел Кастро. Иако гробот на Батиста нема ниту едно кубанско обележје, синот Боби тврди дека татко му од протерувањето па до крајот на животот „сонувал да се врати во Куба барем еднаш пред да умре“.
Инаку, по бегството, Франко одбива да му даде политички азил на Батиста, кој се сместува во Есторил во Португалија, со која во тоа време владее диктаторот Салазар. И покрај ова Батиста редовно патува во Мадрид. На крај, Фулгенсио Батиста умира во Марбеља на југот на Шпанија и од 1973 е закопан во Сан Исидро.
На истите гробишта е сместен усташкиот лидер Анте Павелиќ, прв човек на фашистичката Независна држава Хрватска. За време на владеењето на Павелиќ му се препишуваат меѓу 200 и 300 илјади жртви, главно Срби.
Една кошмарна анегдота за усташкиот лидер доаѓа од италијанскиот новинар Курицио Малапарте, кој додека го интервјуира Павелиќ во неговата канцеларија забележува полуотворена кошница. На Малапарте му заличува дека кошницата е полна со морски плодови, па прашува што има внатре. Потоа пишува: „Павелиќ го тргна капакот и извади една рака вискозни и желатинести морски плодови, и со една од неговите насмевки полни со љубезност и замор, рече: ’ова е поклон за мене од моите лојални усташи - 20 кила човечки очи’“.
По поразот на нацистите и усташите во Втората светска војна, Павелиќ успева да избега во Аргентина каде живее до 1957 кога добива азил од Франко и се сели во Шпанија. Тој умира во 1959. Последен пат жив го напушта својот дом за да ја посети тогаш тазе отворената Долина на паднатите.
На север од таму, на гробиштата Ла Паз е гробот на венецуелскиот диктатор Маркос Перез Хименез, кој владее меѓу 1952 и 1958, инаку на големо фален од медиумите на Франко за неговите политики за економски развој. Легендата вели дека тој толку брзо бега од Санто Доминго „што на авионската писта заборава куфер со 13 милиони долари во готовина“. Тој подоцна е екстрадиран од САД во Венецуела каде е осуден на казна затвор. Откако е ослободен во 1968, Хименез се сели во Мадрид, каде под заштита на Франко живее луксузен живот. Хименез умира во 2001 во Мадрид.
Новата локација за гробот на Франко се Ел Пардо-Мингорубио гробиштата, на кои е закопан озлогласениот доминикански диктатор Рафаел Леонидас Трухиљо. Тој 30 години владее со карипскиот остров, и убиен е во 1961 кога е направена заседа на неговиот автомобил на пат во близина на главниот град Санто Доминго.
Тој првично е закопан во Доминиканската република, но на барање на неговото семејство, од страв дека гробот ќе му биде вандализиран, останките се преселени на гробишта во Париз. Во 1970, неговиот ковчег е преселен во Шпанија и поставен во гробницата на неговиот син Рамфис, кој неколку месеци претходно загинува во сообраќајна несреќа.