Норвежаните имаат проблем што ирвасите од Шведска непречено минуваат граница и се гоштеваат на норвешките пасишта, кои пак тие ги пазат и чуваат. За решавање на целиот спор двете земји имаат меѓусебен договор кој шведскиот парламент одбива да го потпише речиси цела деценија. Се додека не се ратификува новиот акт, работата ќе се решава со амандман од 1751 кој го дополнува тогашниот договор за дефинирање на норвешко-шведската граница.
Додека Норвежаните се „закануваат“, одговорот од Шведска е во рамките на „што да им правиме, ирваси се, не знаат што е граница.“
„Граница ти е само линија на парче хартија, ама ирвасите ги користат овие пасишта уште од прастари времиња,“ објаснуваат од асоцијацијата на шведски Лапонци.
Проблемот на Норвешка е и што според договорот тие работат на намалување на своите стада со ирваси, кои моментално бројат 280.000 примероци од речиси 350.000 во 2010, додека шведската страна не се држи до планираните квоти. Норвешките сточари алармираат и по основа на заштита на пасишта и ширење болести.