Некаде на почетокот на декември минатата година многу пред кинеските власти да признаат дека има нов тип на коронавирус Ли во групен чет со други доктори пишува дека некои негови пациенти почнуваат да покажуваат симптоми на нова болест налик САРС (и САРС спаѓа во групата коронавируси).
Неколку дена подоцна полицијата го приведува Ли на неколку дена за „ширење дезинформации“ и го присилува да потпише документ во кој признава дека „сериозно го нарушил јавниот поредок“ и го прекршил законот. Од полицијата соопштуваат дека осум луѓе биле дисциплинирани во врска вирусот, ама не е јасно дали Ли бил еден од нив.
По една недела 34-годишниот доктор добива треска и подоцна своето искуство го објавува на интернет. Кон крајот на јануари е дијагностициран со ковид-19. Ли умира на почетокот на февруари.
Целата сторија и смртта на Венлианг предизвикува гнев меѓу кинеските интернет корисници, кои ги преплавуваат социјалните мрежи со критики кон партијата и владата. По ова највисокото анти-корупциско тело во земјата објавува дека ќе испрати свој тим во Вухан за да спроведе детална и сеопфатна истрага „за проблемите што јавноста ги пријавила во врска со доктор Ли Венлианг.“
Неделава излезе извештајот и во него се наведува дека Ли не го нарушил јавниот поредок, и дека тој бил „професионалец кој храбро се борел и се жртвувал“. Извештајот спомнува дека Ли не ја верификувал информацијата пред да ја испрати, што во моментот е невозможно имајќи предвид дека се уште никој немаше поим за ковид-19.
Во извештајот се препорачува повлекување на укорот за Венлианг и казнување на полициските службеници кои го привеле. На терен во Вухан по оваа основа дадени им се предупредувања на еден полицаец и на заменик началникот на полициската станица во која е приведен Венлианг.