Кина не запира во обидите да ја смени приказната за настанокот на ковид-19

Додека светот се бори да ги пофаќа илјадниците случаи на ковид-19, Кина (која со милијарда и триста луѓе упорно стои на околу 87.000 заразени) активно работи да ја смени приказната за тоа од која држава дојде вирусот.

Кинеските медиуми се почесто известуваат за тоа како коронавирусот бил откриен на пакувањата за замрзната храна што биле увезени во земјата и ги истражуваат можните случаи на корона вон границите на Кина пред декември 2019.

Така, весникот Пиплс дејли тврди дека „сите достапни докази покажуваат дека коронавирусот не започнал во Вухан во Централна Кина.“

Медиумите пренесуваат ставови на кинеските епидемиолози според кои „вирусот прв пат е откриен во Вухан, меѓутоа тој нема започнато таму“. Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, изјави дека „иако Кина е првата што пријавила нови случаи, тоа не мора задолжително да значи дека вирусот потекнал од Кина. Откривањето на потеклото се уште е во тек и тоа може да вклучува повеќе држави и региони.“

Кинеските научници имаат поднесено и студија за објавување во Лансет, која се уште не е рецензирана, во која се тврди дека „Вухан не е местото на кое се случила првата трансмисија на Сарс-КоВ-2 од човек на човек“ и според нив тоа најверојатно било на „индискиот потконтинент“.

Најголем дел од кинеските аргументи за потеклото на вирусот се отфрлени од западните научници како неточни и неосновани.

30 ноември 2020 - 11:35