Камата од диктаторски режим

Додека уште беа на власт, поточно некаде во времето кога сите масовно почнаа да не ги сакаат, Бен Али и Хосни Мубарак добија известување од Швајцарија дека сите нивни пари во земјата се замрзнати. Сега Швајцарците решија ги вратат парите таму од каде беа украдени. Сите 830 милиони долари.

Според шефот на одделот за меѓународно право на швајцарското министерство за надворешни работи, Валентин Зелвегер, од овие пари околу 765 милиони долари се средства распоредени на најразлични сметки на Хосни Мубарак. Останатите седумдесетина милиони се на поранешниот туниски претседател, Бен Али.

"Со Египет и Тунис, Швајцарија се соочи со случаи чија големина нема преседан," изјавил Зелвегер, кој нагласил дека Швајцарија е единствената земја на светот која јавно ја признава вредноста на блокираните износи.

Блокираниот имот вклучува средства од сметките на 32 лица поврзани со Хосни Мубарак и 45 лица поврзани со Бен Али.

На прашање зошто бавно оди враќањето на парите, Зелвегер изјавил: "Тие сами одредуваат со која брзина ќе тече процедурата."

21 декември 2012 - 09:23