Како женет полицаец буквално го поебал климатското движење во Британија

Таен полицаец бил инфилтриран во движењето за климатски промени и успеал фактички да го уништи. Важел за одличен организатор и бескомпромисен активист кој попат однел во кревет десетина жени активистки.

Кога Кејт Вилсон имала 23 години, била намамена да има секс со постар дечко кој не бил она за што се претставувал. За неа, тој бил Марк Стоун, радикален еколошки активист кој го споделувал нејзиниот вкус за кантри музика и нејзиното уверување дека капитализмот ја уништува планетата.

За неа тој пишувал поезија, ја придружувал на 90-тиот роденден на баба ѝ, и ѝ помагал да организира протест против самитот на Г-8 во Шкотска. Живееле заедно речиси две години како љубовници и останале блиски пријатели години потоа.

Но, седум години откако првпат се виделе, нивниот близок однос отишол доврага: не само што не бил Стоун туку Кенеди, не само што имал жена и две деца, туку личноста со која Вилсон „споделувала многу интереси и соништа“ и на која таа му кажала „многу од нејзините најинтимни приказни и тајни“, всушност работела за британската држава.

Во 2003 година, Кенеди бил тајно испратен тајно од елитната единица на полициската Метрполитен служба од Лондон за да собира разузнавачки информации за активисти како Вилсон. Поминал цели седум години живеејќи двоен живот: бестрашен организатор на протести и акции но и полицаец со фамилија во Ирска.

Кенеди важел за доверлив водач во климатскто движење кое очајно се обидувало да ја разбуди Британија и светот за претстојните ужаси на ургентната климатска ситуација.

Но, неговите соборци, пријатели, и најмалку 10 други активистки со кои имал секс, немале поим дека Кенеди сето тоа време ги продавал на влади и корпорации кои имале интерес да ја држат земјата зависна од фосилни горива.

Не се работи само за лично предавство. „Тој ја контролираше способноста на луѓето да се организираат политички“, вели Вилсон за Вајс. „Тоа е длабоко антидемократско“.

По десетгодишна судска битка таа го добива случајот и се чека проценка колкава отштета ќе добие за тоа што во име на државата била однесена в кревет, што била деградирана и понижена и што ѝ била растурена суштината на нејзиниот интимен живот, нејзината сексуална автономност и сл.

Но, пошироките аспекти се непоправливи. Мрежата активисти била растурена и многумина од нив никогаш не успеале повторно да се вклучат во климатскиот активизам откако Кенеди бил раскринкан.

Од 1960-тите, преку 144 тајни британски полицајци имаат шпионирано преку илјада политички групи, обелодени пред пет години една јавна истрага.

* целата приказна на Вајс - тука

20 јануари 2022 - 14:36