Како Западот ја изгуби трката за артилериски гранати

Додека Зеленски алармира дека војната во Газа ги намалила испораките на 155-милиметарски гранати за Украина, возовите товарени со муниција од Северна Кореја го исполнуваат ветувањето за испорака на 1 милион артилериски гранати за Москва.

Испораките од Северна Кореја, кои наводно се прават во замена за лансирање на севернокорејски сателит, треба да бидат завршени во 10 пратки од по 100.000 гранати. Оваа муниција е клучна за обновениот руски притисок за освојување на Авдивка.

Во исто време ЕУ која во февруари годинава вети дека во рок од една година ќе и испорача 1 милион гранати на Украина, пред некое време објави дека нема да може да го исполни ветувањето. До сега тие се на некои си 300.000 гранати главно собрани од залихите на земјите членки. Дипломати и министри на ЕУ за неуспехот ги обвинија европските капацитети и неуспехот за значително зголемување на производството.

Процената е дека Украина испукува во 6.000 155-милиметарски гранати на ден, додека руската страна е на некои си 20.000 гранати на ден, што е еднакво на вкупното европско месечно производство.

Дел од проблемите на Украина се олеснети од испорака на кластер муниција од САД, но и покрај тоа артилериската муниција е една од главните барања на Украина кога бара помош од западните сојузници.

Во меѓувреме САД со полна пареа работи на зголемување на производството на гранати за надоместување на резервите од оваа муниција, откако истите беа испразнети од војните во Украина и Израел. По план САД би требало да го зголемат производството на 155-ките на 100.000 месечно, но дури некаде во 2025.

Дефицитот на оваа муниција Западот сака да го олесни преку снабдување на Украина со помодерно и поефикасно оружје, како Стормшадоу ракетите и АТАЦМС системите. Нивната процена е и дека Русија во овие 20 месеци војна има изгубено околу 600 топови и лансирни системи, плус дека тие губат четири пати повеќе артилериски системи отколку Киев.

Минатата недела Зеленски порача дека на Украина и е потребно во претстојниот период да постигне „три победи“:

- Првата е во американскиот Конгрес (за пакетот на Бајден за помош).

- Втората е во ЕУ (за пакетот за помош од 50 милијарди евра).

- Трета е да се отвори дијалог за идното членство на Украина во Унијата.

27 ноември 2023 - 12:32