Заднината на сето ова е што Кина со години е наклонета кон Хуавеи, што американските власти и технолошка индустрија го толкуваат како показател дека компанијата работи во интерес на кинеската влада. Во 2012 излегува и извештај на американските власти (од Постојаниот комитет за разузнавање) во кој Хуавеи и ЗТЕ се посочени како потенцијална закана за безбедноста на САД. Во него се пишува дека ниту една компанија не се обидела да ги смири стравовите (на САД) дека се под притисок од Пекинг, како и тоа дека Хуавеи одбива да ја опише „целосната воена кариера“ на основачот на компанијата Рен Женгфеи, инаку поранешен армиски инженер.
Токму заради ова минатата година администрацијата на Трамп одлучи да се вмеша во чисто пазарен домен и го блокираше преземањето на американски Куалком (производител на процесори) од страна на Броадком. Објаснувањето беше дека компанијата е од национален интерес и дека нејзиното преземање би ги прекинало американските инвестиции во чипови и безжична технологија со што глобалната доминација во таа сфера би му ја предала на Хуавеи.
Вознемирувањето на американските власти околу опремата (без разлика дали кинеска или друга) е дека би требало да стават странска технологија во клучната комуникациска мрежа на земјата, што ги изложува на задни врати во истата опрема што некоја странска влада потенцијално побарала да се постават. Во ова сценарио истите тие можат да се искористат за секакви шпионски операции на странската влада, конкретно на кинеската.
Во исто време Хуавеи се запенавени околу тоа дека ниту работат со Пекинг, ниту некогаш би потпаднале под негов притисок. Еден од главните аргументи на Хуавеи е - покажете докази за обвиненијата што ги ширите. Рен Женгфеи во јануари дури имаше и едно од ретките појавувања пред камери, кога излезе пред сала полна новинари за да одговара на нивни прашања околу целата работа.
Што се однесува на финансиската директорка, таа на 1-ви декември беше уапсена на аеродром во Ванкувер, и сега чека да биде екстрадирана во САД. Обвинението против нејзе е дека сакала да ги намести банките со кои соработувала да дозволат трансакции со кои се прекршуваат санкциите на САД против Иран. Обвинението е отфрлено и од Менг и од компанијата. Инаку Менг поднесе и тужба против канадската влада за незаконско приведување.
Хуавеи моментално е една од најголемите приватни компании во светот со водечки позиции во телекомуникациска опрема, смартфони, облак технологии и сајбер-безбедност. Таа има свои операции во Азија, Европа и Африка.
За 2019 Хуавеи има таргет за продажба од 215 милијарди долари, што на пример е повеќе од вкупните приходи на Боинг.
Компанијата вложи милијарди долари во 5Г технологија и беше дел од конзорциумот компании кои работеа на создавање на 5Г стандардот и технологијата за него.