Одлуката на властите во Беидаихе следува само неколку недели откако на Тесла возилата им беше забрането да возат на одредени улици и патишта во градот Ченгду, во време кога во посета на градот беше кинескиот претседател Ши Џинпинг.
Од полицијата на Беидаихе само изјавиле дека забраната се должи на „државни работи“.
Беидаихе е традиционалната локација на која највисокото кинеско раководство секое лето ги одржува своите средби на кои во тајност зад затворени врати се носат персонални решенија и политики.
Кина вообичаено не го наведува датумот на состанокот.
Минатата година кинеската армија забрани во кој било армиски комплекс да се влегува со Тесла возила, по основа на безбедност и загриженост околу камерите инсталирани на возилата.
Илон Маск тогаш објави дека неговите возила не шпионираат во Кина или на кое било друго место, бидејќи во спротивно компанијата ќе биде затворена. Неколку месеци подоцна компанијата објави дека сите податоци генерирани од нивните возила во Кина, ќе се чуваат во Кина.