Исландската влада веќе во август годинава би можела да распише референдум за рестартирање на преговорите за членство во Европската Унија, кои беа замрзнати од претходната влада во 2013 година. Ако Исланѓаните гласаат „за“, нивната земја би можела да стане 28-ма членка на Унијата, пред Црна Гора, која полека затвора поглавја од преговорите.
Референдумот беше планиран за 2027 година, но на Рејкјавик му се брза поради геополитичките превирања за Арктикот. Исланд има стратешки важна локација во Северниот Атлантик, нема своја армија и се потпира на членството во НАТО и билатералниот одбранбен договор со САД од 1951 година.
Островската земја аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година, кога беше под удар од финансиската криза и пропаѓањето на трите главни комерцијални банки. Владата ги замрзна преговорите во 2013 година, кога Исланд економски заздравуваше, а Еврозоната беше пред колапс поради должничката криза. Во 2015 година Рејкјавик го откажа статусот на кандидат за ЕУ.
Разговори за обновување на процесот почнале уште пред вториот мандат на Доналд Трамп, но се засилија откако тој побара САД да го присвојат Гренланд, а особено откако на Светскиот економски форум во Давос го помеша данскиот остров со Исланд.
Трамп четири пати го спомна Исланд. Тоа мора да беше вознемирувачко за малата земја, изјави извор на Политико.
Во изминатите неколку месеци зачестија средбите на функционери од Исланд и од ЕУ. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во јануари се сретна со премиерката Криструн Фростадотир и најави дека во март ќе го посети Рејкјавик.
Разговорот за проширувањето се менува. Сè повеќе станува збор за безбедност, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос, која во јануари се сретна со министерката за надворешни работи на Исланд, Торгердур Катрин Гунарсдотир.
Пред замрзнувањето на процесот во 2013 година, Исланд затвори 11 од 33 преговарачки поглавја. Црна Гора, која стигна најдалеку од кандидатите за членство во ЕУ, стигна до таа фаза во изминатите неколку месеци.
Најголемата потенцијална пречка за членството на Исланд во ЕУ е спорот за риболовот – клучната индустрија на островот. Шансите за обновување на преговорите значително се зголемија откако од ЕУ замина Британија, со која Исланд во 1950-тите и 1970-тите водеше две војни – за риболов на бакаларот и на скушата.
На хартија, не би било премногу тешко. Би можело да потрае само една година, изјавил за Политико анонимен функционер од Брисел.