За време на целиот мандат на Трамп, Русијагејт, базирана на досието на поранешниот британски шпион Кристофер Стил, беше преиспитувана од најголемите светски медиуми (Њујорк тајмс, Вашингтон пост, Си-ен-ен, МСНБЦ и други) само во однос на тоа колку побрзо може да доведе до заминување на Трамп од Белата куќа.
Тврдењето на Досието на Стил беше дека има некаков заговор меѓу Трамп и Кремљ за носење на Трамп на чело на американската држава, и дека тоа се базира на снимките што руските тајни служби ги имаат од Трамп со проститутки во московски хотел. Како се симнуваше нивото на комуникација, така материјалот се надградуваше со секакви пикантерии, вклучително и информации „златни туширања“.
Ова досие доведе до истрага од ФБИ предводена од Роберт Мулер, која по неколку години не открива никакви докази околу заговорот. И тогаш, медиумите кои беа предводници во нејзиното ширење не покажаа интерес да видат како воопшто биле прелажани да веруваат во таква лага.
Републиканците и коментаторите кои од старт зборуваа дека нешто им е сомнително околу целата приказна беа етикетирани како „десничари“ и „помагачи на Трамп“, и веднаш беа дискредитирани од медиумите и луѓето блиски на нив кои по секоја цена сакаа да се ослободат од Трамп.
Во 2019 американското министерство за правда го назначува Џон Дурам како специјален советник за истражување на потеклото на истрагата на ФБИ. Пред некое време тој почнува да потпишува обвиненија.
Наративот во основа е дека за време на изборите 2016, Стил е ангажиран од фирмата за „истражување на противникот“ Фјужн ГПС за откривање на валкани работи за Трамп. Фјужн ГПС е ангажирана од адвокатската компанија од Вашингтон, Перкинс Кои во име на Демократската партија.
Минатата недела Игор Данченко, рускиот државјанин кој работи во тинк-танкот од Вашингтон Брукингс институшн, е уапсен и обвинет за лажење на ФБИ. Данченко, кој има бројни контакти со високи руски функционери, беше главен извор за Досието на Стил и излезе дека неговите тврдења се фантазија.
Обвинението од Дурам тврди дека лагите на Данченко го лишиле ФБИ од клучни информации. Згора на тоа, се верува дека Русинот не го кажал целиот опсег на својата соработка со Чарлс Долан, директорот за односи со јавноста на Демократската партија со блиски врски со Хилари.
Сега се открива дека зад неколку тврдења што Данченко му ги кажува на Стил всушност стои Долан, а обвинение има и против еден адвокат од Перкинс Кои.
„Значи навистина имало руски заговор - ама тоа не било обид на Трамп да ја уништи Хилари, туку обид на Хилари да го уништи Трамп,“ пишува Мелани Филипс во текстот за британски Тајмс.
И поранешниот директор на американското национално разузнавање, Џон Ратклиф, изјавува дека нема најдено завера меѓу кампањата на Трамп и Русија, меѓутоа има видено разузнавачки документи „дека имало заговор меѓу кампањата на Хилари и Русите за креирање на досие“.
Објаснувајќи дека водени од гневот што Трамп станал претседател медиумите ја фрлиле во ѓубре целосната журналистичка етика во обид да го срушат, Филипс ја пренесува реакцијата на најголемите медиуми откако им стана јасна заверата.
- Њујорк тајмс објавува текст од Бари Меиер во кој срамежливо признава дека тврдењата од Стил досието „никогаш не се материјализираа или пак се покажаа дека се неточни“. Меиер пишува и дека „новинарите и приватните истражувачи одамна имаат симбиотска врска која е скриена од јавноста“, без да признае дека неговиот весник „користеше токму таква врска за да го помогне обидот за пуч против претседателот“.
- Вашингтон пост пред некое време објавува дека обвиненијата од Дурам „фрлаат нова несигурност врз дел од минатите новинарски извештаи од новински организации околу досието, вклучително и од Вашингтон пост“.
Тоа што сега се знае е и дека поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коуми и неговите соработници уште летото 2016 биле свесни дека „отпечатоците на кампањата на Клинтон се на Стил досието.“
„Овие така-наречени бранители на демократијата никогаш не го признаа тоа што на некои од нас од старт им беше очигледно - дека без разлика што некој мисли за Трамп, баражот против него изгледаше како заговор меѓу државата и политички актер, за саботирање на избран претседател преку напад на неговиот карактер,“ пишува Филипс.
Еден од главните поборници во разоткривањето на целата лага околу Русијагејт беше новинарот Грен Гринвалд, кој неодамна имаше интервју за Брејкинг поинтс: