Во процените на германските генерали, меѓу кои највисок е првиот човек на авијацијата, генерал Инго Герхартц, се наведува дека ќе бидат потребни 10 до 20 Таурус проектили за да се порази руската противвоздушна одбрана и да се уништи мостот.
„Нема вистинска причина зошто не можеме да го направиме ова; само зависи од политичките црвени линии,“ рекол генералот.
Германија има залиха од околу 600 Таурус проектили од кои 500 се оперативни. Процената на Герхартц е дека Германија без проблем може да си дозволи да испрати 100 проектили во Украина.
Еден од офицерите во разговорот објаснува дека Таурусот ќе можат да бидат испорачани и подготвени за користење најрано за 8 месеци.
Според Герхартц нема поента да се пратат повеќе од 100 проектили бидејќи оружјето не може значително да смени нешто на фронтот каде Украина нема доволно луѓе да освои или пак да задржи територија. Неговата процена е дека уништување на Кримскиот мост ќе биде политички и стратешки важно, бидејќи потоа Украина ќе може да започне и со копнена офанзива.
На 38-минутната снимка се разговара како Германија би можела да ја организира испораката и користењето на Таурус проектилите со голем домет, кои канцеларот Олаф Шолц упорно одбива да и ги испрати на Украина.
Герхартц споменува дека знае дека Британците своите Сторм шадоу проектили ги испорачуваат во Риџбек оклопни возила, додека Французите Скалп проектилите го товараат во цивилни Ауди Ку7 и така ги испраќаат во Украина.
Генералите отворено зборуваат и за тоа дека Британија, Франција и САД имаат свои војници во Украина кои помагаат во употребата на софистицираните западни воени системи кои се испорачани на Киев.
Во разговорот Герхартц споменува дека во Украина има „многу луѓе со американски акцент кои се шетаат наоколу во цивилна облека.“
Германската армија веќе имала модел на теренот преку кој треба да минат проектилите „и би можела лесно да и помогне на украинската армија во избегнување на воздушната одбрана околу клучни мети, вклучително и Кримскиот мост.“ За сега, заради црвените линии поставени од владата, германската армија не смее да ги сподели топографските податоци со Киев. Според него, рушењето на мостот сепак не се очекува да го промени текот на војната.
Снимката чија автентичност е потврдена и од високи германски функционери е пресретнат разговор што германските генерали и офицери го имаат на платформата за он-лајн конференции, Вебекс, која инаку не е енкриптирана за користење за војската. Еден од учесниците на конференцијата се приклучил преку мобилен телефон од хотелска соба во Сингапур.
Како реакција на веста, на својот официјален Телеграм канал, Дмитри Медведев објави извадок од песната „Убиј го!“ од 1942 од советскиот автор Константин Симонов:
„Тој така сакаше, тој е крив
Нека гори домот негов, а не твојот,
Па и да не е твоја жена,
И таа нека биде вдовица.
Нека не биде твое да плачеш,
И неговата мајка која го родила,
Не твоите, туку неговите родители
нека чекаат залудно.
Затоа убиј барем еден!
Затоа уби го брзо!
Колку пати ќе го видиш,
Толку пати и убиј го!“