ЕУ тера кон пасоши за пристап до интернет

Откако најави дигитални лични карти и задолжителна верификација на возраста за малолетни корисници, ЕУ ја проширува инфраструктурата за проверка на идентитетот на граѓаните со нови дигитални паричници. Со мерки дизајнирани за заштита на децата и одговорност од социјалните мрежи, постепено се затвора рамката за надзор и контрола на пристапот до интернет.

Брисел тврди дека континенталното стандардизирање и унифицирање на дигиталните платформи ќе ја поедностави администрацијата, ќе ја подобри безбедноста преку интернет и ќе ги модернизира дигиталните интеракции низ земјите-членки.

Со воведувањето Европски деловен паричник (EBW) компаниите би можеле да користат потврдени дигитални акредитиви за да ги поедностават прекуграничните операции низ целиот блок.

Деловните паричници за правни лица би можеле да генерираат годишни заштеди од 150 милијарди евра за компаниите, тврди Европската комисија.

Сродниот дигитален паричник за идентитет (EUDI) е наменет за физички лица и ќе биде компатибилен со EBW. Преку оваа алатка граѓаните ќе може да чуваат и да приложуваат официјални дигитални акредитиви при пристап до јавни услуги, комерцијални системи или онлајн платформи низ членките на ЕУ.

Активисти за граѓански слободи тврдат дека ова се чекори кон наметнување целосна онлајн контрола, слично на дигитален пасош без кој луѓето нема да добијат услуги, па дури ни пристап до интернет.

Притоа наведуваат дека европскиот систем ќе блокира заобиколување на „пасошките контроли“ преку VPN мрежи. Властите ќе можат да ги ограничуваат и да ги контролираат сите трансакции и комуникации на корисниците најавени со дигиталните пасоши, со целосен пристап до нивниот идентитет и локација во реално време.

Зголемувањето на обемот на верификација, особено кога е поврзано со дигитални паричници, може да доведе до сериозни проблеми со приватноста и да го ограничи пристапот до информации ако инфраструктурата се прошири надвор од својата наведена цел за заштита на децата на интернет, предупредува фондацијата за граѓански слободи Електронска граница.

Организацијата Европски дигитални права ја оценува верификацијата на возраста како „пристап со чекан“ што го зголемува ризикот од инвазивни практики на надзор.

Примарниот ризик за корисниците е принудувањето да користат EUDIW, кој е дизајниран како дигитален клуч. Ова би можело да исклучи одредени сегменти од населението, особено оние кои не можат да си дозволат или можат да го користат овој вид технологија. Друг ризик се однесува на приватноста. Дигиталните паричници би можеле да го зголемат количеството на лични податоци собрани без корисниците да знаат, предупредуваат Мерилин Лоран и Клер Левалоа-Барт во статија во The Conversation.

Загриженостите се сериозни. Системите воведени за навидум разумни цели, како заштита на децата, не може целосно да се изолираат. Апликацијата за верификација на возраста се претставува како алатка на доброволна основа, но историјата покажува дека дигиталните инфраструктури ретко остануваат ограничени на нивната оригинална намена.

Откако рамките за дигитален идентитет ќе се интегрираат низ услугите, платформите и институциите, притисокот за пошироко усвојување постојано ќе се зголемува, сè до степен кога докажувањето на идентитетот ќе да стане услов за приклучување на интернет.

7 јули 2026 - 13:18