Процената на Полјаците е дека штетата што Русија ќе ја претрпи од санкциите од ЕУ нема да биде повеќе од 35 милијарди евра, колку што изнесува сумата на фондови за Полска што ЕУ ги има блокирано.
Спорот меѓу ЕУ и Полска се тегне со години многу пред војната во Украина, и во конкретниов случај се работи за судските реформи што ги спроведе Полска а не се по мерак на Унијата.
На почетокот од војната кога уште се коваше ЕУ единството против Русија овие проблеми беа ставени на страна, делумно и затоа што Полска е една од државите која најмногу и помага на Украина и прими најмногу бегалци од таму. Неколку месеци подоцна, ЕУ машинеријата одлучи дека треба да продолжи онаму каде што застанале пред инвазијата и да се врати на воспитување на своите членки.
Полските аналитичари го толкуваат блокирањето на фондовите како дел од обидите на Брисел да ја смени владата во Полска по која било цена, бидејќи сегашната владејачка партија (Партијата на Законот и Правдата) ја смета за непријател на актуелниот европски естаблишмент.