Спинуваме*

До крајот на годинава во Јемен ќе умрат 50.000 деца

Во земјата зафатена со глад, колера и граѓанска војна се случува незапамтен помор на дечиња. Нивната смрт е уште побесмислена затоа што може да биде спречена. Ама, клучот е во рацете на најверниот сојузник на Запад, Саудиска Арабија.

Преку 50.000 јеменски дечиња ќе умрат до крајот на 2017 година како резултат на болести и прегладнетост, предупреди меѓународната организација Спасете ги децата.

Хуманитарната група проценува дека секој ден умираат по 130 деца во најсиромашната земја од арапскиот свет во која на хроничната глад ѝ се придружи најголемата епидемија на колера во нејзината модерна историја.   

Досега од оваа смртоносна комбинација починале 40.000 деца а се очекува бројката да надмине 50.000 таман на Божиќ, кога ќе се носат шарени џемперчиња и на ангро ќе се форвардираат пораки за љубов и мир меѓу луѓето.

„Нивната смрт е бесмислена уште повеќе што може да се превенира,“ порача јеменскиот директор на организацијата во ситуација кога секој ден, нови стотина мајки ги оплакуваат своите чеда.

Но, тој крик немаше ефект ни пред Саудиска Арабија дополнително да го стегне обрачот околу Јемен. Имено, по една ракета испукана во правец на аеродромот во Ријад од јеменска територија под контрола на вооружени Хути, Саудијците комплетно блокираа две клучни јеменски точки: пристаништето во Ходеидах преку кое доаѓа храна во земјата и аеродромот во главниот град Санаа преку кој хуманитарците носеа помош во лекови и храна а кој деновиве и го бомбардираше.

Болниците се преполни со болни и прегладнети деца а добронамерните дополнително ги загрижува неодамнешната појава и на заразната дифтерија. Дете со дифтерија доаѓа во болницата во Сана и за да преживее му треба апарат за вештачко дишење но таков имаат само во одделение каде што има и други деца. 

„Сега треба да решам дали ќе го оставам ова дете да умре или ќе го однесам таму каде што можат да се заразат други деца“, им се доверила на репортерите на британски Телеграф главниот болнички педијатар. Таа на крајот решила да му помогне на малиот но и покрај напорите на целиот персонал, тој сепак починал.

Во земјата има 385.000 деца кои страдааат од секојдневна жестока неухранетост но само половина од нив добиваат некаква помош. И Британија и САД ја поддржуваат воената коалиција предводена од Саудиска Арабија која бомбардира делови на Јемен како поддршка на официјалната влада против вооружените бунтовници.

*****

*Ова е класична Офф вест, кога пишуваме за работи за кои не пишуваат други медиуми (кои, нормално, си имаат право на свој избор на теми и погледи). Но, кога ќе беше напишана во хистеричните времиња, хистерични идиоти ќе рипаа (#МудоОтечение) дека со ваква вест ние уствари спинуваме и го одвраќаме вниманието од состојбите во македонското здравство („Фатиле за Јемен да пишуваат а на Клинички ужас“). Ја слушате ли сега таа бучна тишина на правдољубивите за нашите спинови?

15 ноември 2017 - 10:59