Акредитацијата на Кимер ненадејно ѝ била укината во август, после нејзините репортажи од Микољев, стратешки важното пристаниште на Црното море.
Тоа било направено без објаснувањље, освен дека е на барање на украинската служба за безбедност. Во следните три месеци, Кимер се обидувала да сфати зошто ѝ е укината акредитацијата, а се распрашувала и данската дипломатија.
Кимер била поканета во канцелариите на разузнавачката служба во Киев, каде ѝ е речено дека забраната е донесена поради објавените слики од парадата во Доњецк за Денот на победата, 9-ти мај. Проблемот со сликите е што тие прикажуваат луѓе и коли украсени со симболи кои некогаш ја славеа победата над нацистичка Германија, а денес се симбол за поддршка на руската инвазија.
На службениците им било сомнително и тоа што Русите немале проблем што таа известува од таму, а забраната за нејзин влез во Русија ја сметаат само како покритие за да продолжи да ја шири руската пропаганда.
Кога ги прашала како да докаже дека не е про-руски настроена, украинските разузнавачи побарале таа да напише серија „добри репортажи“, засновани во целост на видео-снимки и слики што ќе ѝ ги достават украинските служби.
Кога одбила, состанокот нагло завршил.
Кимер само годинава направила повеќе од 230 телевизиски и радио-прилози за руската инвазија на Украина. Автор e на книгата The War Inside што ја следи состојбата уште од падот на Јанукович во 2014-та. Минатиот месец, данската кралица ѝ врачи престижна награда за новинарство, а во 2022-ра беше во најтесниот круг за освојување на данскиот еквивалент на Пулицер.