Меѓу основите по кои Болтон може да им биде корисен на Демократите во импичментот е неговата блискост до целиот скандал и мотивот да ја раскаже својата страна од приказната.
Во претходните сведочења беше споменато дека Болтон „збеснал“ од постапките на советниците на Трамп околу Украина, дека тоа и официјално го изнел. (Се работи за притисокот од Трамп и неговите соработници кон украинскиот претседател, да започне истрага против Џо Бајден и неговиот син околу нивна вмешаност во една тамошна компанија.)
За Болтон веќе се знае дека тој не е среќен од начинот на кој беше отпуштен од Белата куќа. Она што не се знаеше е дека имал проблем со целата операција во Украина.
На страна ова, се верува дека Болтон му е гневен на Трамп за неговите неодамнешни одлуки, како повлекувањето на северна Сирија. Ова е смртен грев за републиканската струја на која и припаѓа Болтон, кои јавно говорат дека САД ги оставиле своите курдските сојузници да бидат масакрирани од Турците, и дека се ризикува воскреснување на ИСИС.
„Една од големите иронии тука е што Болтон веројатно е последниот човек од кој би се очекувало да биде клучен сведок за импичментот што го тераат Демократите, имајќи предвид дека толку долго време го презираат. А токму она што би можело да му даде дополнителна мотивација за јавно да зборува е застранувањето од републиканската ортодоксност во надворешната политика,“ пишува Аарон Блејк во Вашингтон пост.