Судирот е меѓу персоналот и највисоките функционери во кабинетот на потпретседателката, вклучително и нејзината шефица на кабинет, Тина Флоурној, кои придонесуваат кон ваквата атмосферата, објавува магазинот Политико по разговор со 22 сегашни и поранешни соработници.
Најголемиот гнев е токму кон Флоурној, за која соработниците тврдат дека им го ограничила пристапот до Камала и придонела за култура „во која идеите се игнорирани или пречекани со строго отфрлање а одлуките се одлагаат“.
Проблемите еруптирале за време на неодамнешната изненадна посета на Камала на мексиканската граница, кога и соработниците одговорни за организирање на патувањето биле оставени без информација.
„Се започнува од врвот. Луѓето ги фрлаат под автобус и тоа од страна на самиот врв, има многу кратки фитили и постои атмосфера на малтретирање.
Не е здрава средина и луѓето често пати се чувствуваат дека се лошо третирани. Тоа не е место во кое луѓе се чувствуваат поддржани туку место во кое луѓе се чувствуваат третирани како гомна,“ ја пренесува Политико изјавата на човек кој директно е запознаен со функционирање на кабинетот.
За однесувањето на Флоурној пишува и Си-ен-би-си, според кои таа „исклучила“ некои од бизнис и политичките сојузници на потпретседателката, вклучително и големи донатори. Заради ова Харис станала недостапна за дел од своите сојузници како за приватни така и за политички разговори.
Тие пренесуваат случај во кој пријател на Харис лично се јавува на Флоурној во име на еден од најголемите донатори на демократската партија за да закаже состанок. Тој бил игнориран. Донаторот и лично се јавил во канцеларијата на Харис за да закаже состанок и со недели не добил повратен одговор. На крај му било кажано дека потпретседателката била премногу зафатена за да договори состанок.
„Ова е некој што има собрано стотици илјади долари - дури и милиони - за твојот шеф, а ти тек така го игнорираш? Следниот пат кога Камала ќе ги побара нив за нешто, ќе биде „еј, па на мене ни твојот шеф на кабинет не сакаше да ми крене телефон,“ пренесува магазинот дел од еден разговор.
Според Политико проблемите во кабинетот на Харис се доволно нагласени за тие да бидат забележани и од тимот на Бајден од каде „се загрижени за начинот на кој се третира персоналот на Харис.“