За да го пополнат минусот од 30 проценти во својот буџет, властите од ИСИС вовеле цела палета нови мерки за прибирање пари: од данок за купување сателитски антени, лиценци за камионџии па до наметнување паушал за оние кои сакаат да го напуштат својот град.
Според проценки на западни агенции, нивните лански месечни приходи изнесувале 80 милиони долари, сега се паднати на 56 милиони, првенстваено заради намаленото производство на нафта, од 33.000 на 21.000 барели дневно. Но, истите проценки велат дека ова е привремена слабост во производството бидејќи ИСИС успеваат брзо да ја поправат инфтраструктурата оштетена од бомбардирањата.
Инаку, структурата на приходите на ИСИС е ваква: околу 50% собираат од даноци и конфискација на имот и бизниси, 43% од нафтата а остатокот од шверц, продажба на електрична енергија, донации и слично.
Во меѓувреме, во комбинираните офанзиви против нив изгубиле околу 22% од територијата која ја контролираа, што е фасцинантно само по себе ако се знае дека со месеци ги бомбардираа и Русите и Американците.
Досетливоста на исисовскиот УЈП оди дотаму што дозволиле и парично компензирање на казните од типот бичување и удирање со стап кои се одредуваат за помали шеријатски прекршоци како што е непознавање на Куранот, несоодветно облекување и слично.
Претходно пишувавме дека ИСИС има сериозен проблем со исплата на платите па во некои делови тие се на минималец и ги имаат изгубено привилегиите како што се свадбените бонуси и детските додатоци.