Британските платеници сами си ја издале позицијата пред да бидат ракетирани

12 до 14 телефонски броеви кои почнувале со +44 биле видливи за опрема за прислушкување пред Русите да ја гранатираат касарната со странски платеници во Јаворив, пишува Телеграф.

Врз касарната Русите испукаа 30 крстосувачки ракети, речиси целосно срамнувајќи ја со земја. Во нападот загинаа најмалку 35 платеници, вклучително и тројца поранешни британски специјалци.

Телеграф пренесува информација од разузнавачки извори според кои луѓе ангажирани од руската Вагнер група, во тоа време оперирале во близина на базата. Сомнежот е дека тие располагале со опрема за скенирање која им овозможила да ги пресретнат броевите на мобилните телефони што доаѓаат од базата и да му ги пренесат на руското разузнавање, кое пак ги поврзало броевите со поранешните британски војници и веднаш наредило напад.

Претпоставката на Телеграф е дека Русија има огромен број на телефонски броеви поврзани со елитните британски единици, собрани преку најразлични операции за прислушкување во близина на воени бази во Британија. Голем број од Британците кои се пријавија како волонтери од украинска страна имаат служено во овие единици.

„Во првиот момент кога Москва намирисала можно британско присуство во базата, тие веднаш би нарачале ракетирање,“ изјавил изворот за Телеграф.

Истиот извор тврди и дека е можно Русите да имале „крт“ во базата, бидејќи 30 минути пред бомбардирањето едно лице заедно со својот лаптоп и опрема избегало од касарната.

Нападот на базата во Јаворив е едно од најзападните ракетирања извршени од Русите во досегашната војна.

 

Британски платеници кои по чиста случајност ја напуштиле базата неколку часови пред нападот, за Телеграф ја потврдиле хаотичноста во приемот на странски регрути во касарната во Јаворив. Пример, волонтери на кои украински функционери им ветиле дека ќе можат да се приклучат како медицински лица, по пристигнувањето во касарната им било кажано дека ќе добијат 48 часови обука и потоа треба да одат како борци да помогнат во одбраната на Киев. Истите тие во своите сведоштва кажуваат дека не само што обуката била 48 часови, туку тие не ни имале оружје во касарната со кое би можеле да вежбаат.

Британија официјално нема испратено војници да се борат во Украина заради страв од влегување во директен конфликт со Русија. Заради можноста „непослушни“ британски војници да бидат заробени од Русија и потоа да бидат искористени како повод за судир меѓу Русија и Британија, британскиот министер за одбрана ги предупреди војниците што планираат да заминат за Украина дека ќе се соочат со обвинение кога ќе се вратат дома.

21 март 2022 - 10:16