Џејк Придај е 25 годишен Велшанец со 6-годишно, главно не фронтовско, искуство во британската армија. Тој е еден од странските волонтери кои уште во првите денови од руската инвазија се пријавува и пристигнува да служи во Украина како дел од странската легија.
Патот почнува од украинската амбасада во Лондон, преку хотел по име Цицада во полското гранично село Корцзова, па бело комбе со уште 15 други волонтери (меѓу кои и Бугар вратар од Лондон кој признава дека е нео-нацист и оди „да убие колку може повеќе Руси“) и завршува во касарна на западот на Украина.
Од Цицада тргнуваат во 01 часот наутро на 3-ти март, а во касарната стигаат нешто пред 03 часот.
„Ги внесуваат внатре во еден од објектите во соба без греење и 25 кревети без чаршафи. Украинците ги провериле пасошите на сите и вратиле еден потенцијален волонтер, Русин кој работел во Даблин. Според Придај, нему му било речено дека ’нема шанси’ да го примат.
Придај е разбуден некаде околу 8 часот наутро од украински војник кој лупа на тапан. Во кантината на новите волонтери им служат појадок од тестенини и ’сос со чуден вкус што мирисаше на бензин.’ Придај во тие моменти очекува дека претпоставените ќе ги проценат вештините на секој од странците и ќе се обидат да им дадат соодветни улоги - најголемиот дел од волонтерите немаат воено искуство. Тој претпоставува дека би можел да биде испратен во бегалски камп за да им помогне на ранетите и да ги обучи за прва помош.
Наместо тоа координаторите им објаснуваат на волонтерите дека од нив се очекува да се борат на фронтот. ’Ти беше кажано дека ќе одиш каде што си најмногу потребен,’ објаснил Придај. Тие добиваат три до пет дена обука. Персоналот ги запознава дека првите два дена се посветени на основно читање мапи и медицински вештини; а на третиот ден се дели оружје и волонтерите вежбаат пукање на полигон; потоа сите тие - без разлика на претходно искуство - ги испраќаат на фронтот. Белорусин анархист кој минал низ обуката го потврдил ова. Тој изјави дека му било речено дека новите регрути ќе бидат упатени во Киев...
...Придај е изненаден од наивноста на луѓето желни да се борат. Некои волонтери го поврзуваат украинското страдање со она на Курдите во Ирак против ИСИС, меѓутоа тој знае дека Русите се поинаков тип на противник.
’Ова не е како да се бориш против терористи,’ се обидел Придај да им објасни на другите регрути. ’Се бориш со вистинска држава, со вистинска армија, со вистинска морнарица, со специјалци и тешко вооружување и супериорни тактички способности. И сето тоа е водено од луд човек.’
Најголемите проблеми се случуваат некаде после појадокот. Како што волонтерите биле построени им било кажано дека е време да се потпише договорот: ова предвидуваше дека нивната плата ќе биде 7.000 гривни месечно (околу 230 долари во тоа време) и дека тие ќе мора да останат во украинската легија на странци за време на целата војна. Договорот ги ставаше нив под исти обврски како и сите мажи во Украина: под воената состојба што ја прогласи Зеленски на 24 февруари, ниту еден маж на возраст од 18 до 60 години не смее да ја напушти земјата. ’
’Ако имаш какви било обврски дома, ќе останеш без нив,’ ми рече Придај. Луѓето ќе останат без работа или без своите домови, ако не ги платат киријата и хипотеката: ’не е одржливо со 7.000 гривни месечно.’
Два други извора потврдија за 1843 дека договорите ги обврзуваат волонтерите да служат на неограничено време. Ниту еден од волонтерите со кои разговара 1843 не е запознаен со условите на договорот пред да влезе во Украина. Извор на украинското министерство за одбрана ни потврди дека договорите се за неограничен период. Тој изјави дека во пракса тие што повеќе нема да сакаат да се борат ќе може да побараат ослободување од должноста и е многу неверојатно дека тоа ќе им биде оспорено. Меѓу 20 и 30 волонтери веќе добија дозвола да напуштат по потпишувањето. Портпаролот на министерството за одбрана негираше дека договорот бара од волонтерите да потпишат на неограничен период, но одби да сподели копија од него.
Условите на договорот очигледно тераат некои луѓе малку да застанат. Одреден број идни волонтери во Лвив со кои разговара 1843 изјавиле дека би сакале да помогнат во војната но се плашат да го потпишат документот. Тие сега гледаат нови начини за да понудат помош.
Придај ги премолува другите волонтери да не потпишат. ’Се обидував да им објаснам што стварно значи вoена состојба - и дека зависи од Украина да одлучи кога таа ќе заврши. Таа може да биде продолжувана и продолжувана. Меѓутоа никој во касарната не им го објаснуваше ова на волонтерите. Тие само повторуваа дека ќе бидете платени за вашата служба.’
’За мене ова беше измама. Ти продаваат сон, дека можеш да му помогнеш на украинскиот народ, а потоа те фрлаат на најлошото можно место во воената зона.’ Придај одбива да потпише и од него веднаш е побарано да ја напушти касарната. Тој тврди дека и понатаму се обидувал да убеди речиси 20 потенцијални волонтери да не го потпише договорот,’ пишува Александер Клап во текстот за магазинот 1843.
Некаде пред 11 часот на 3 март, неполни десет часови од влегувањето во Украина, Придај ја напушта касарната и со автостоп тргнува кон полската граница. Последно нешто што гледа во касарната е како група млади момчиња се редат во купатилото за да се избричат: „бидејќи членовите на легијата на странци не смеат да имаат бради.“