Британската полиција може да лупа казни за ковид-19 од 10.000 фунти

Прво казните беа воведени, па потоа ставени на пауза заради страв дека можеби не се фер, па сега пак вратени откако бројот на заразени од ковид-19 ја надмина фазата кога луѓето стравуваат за фер и нефер казни.

Казните се за сите што ги прекршуваат правилата за спречување ковид, од неносење маски каде што треба, до собирање во поголеми групи, односно протести против ковид, студентски забави, рејвови или големи свадби.

По британски правила дозволено е собирање на максимум 30 луѓе.

Добар дел од 10-илјадарките што полицијата ги подели пред да бидат забранети, подоцна британските судови ги симнаа на неколку стотини фунти, одлучувајќи дека тие треба да бидат доведени на ниво соодветно на платежната способност на казнетиот.

По ново, полицијата пак ќе може да казнува со по 10.000 фунти, но ќе треба јасно да им објасни на казнетите дека имаат право да ја оспорат казната пред суд.

Британија вчера имаше 19.609 нови случаи на ковид-19 и 529 починати. Вкупниот број на починати од ковид-19 во Британија до сега е 53.274.

19 ноември 2020 - 10:22