Англија на домашен терен го гледа „Албански Наркос“

Се држи само регионот околу Ливерпул, кадешто пазарот на кокаин сè уште го држат локални гангстери. Сè друго, и во градовите и во предградијата во Велика Британија е во рацете на албанската мафија. За да се задоволи ненаситната кокаинска побарувачка на островот, албанската нарко-мафија го нагази Еквадор.

Албански гангстери безмилосно ја преземаат контролата врз кокаинскиот пазар во Јужна Америка за да ги преплават британските улици со рекордни количини на дрога, открива неколкунеделна истрага на Дејли Мејл.

Глобалните пипала на мафијашки кралеви од Балканот, на крвав начин „збратимуваат“ држави како Англија и Еквадор, оддалечени 10.000 километри една од друга:  ненаситната побарувачка на кокаин во Британија предизвикува бранови крвопролевања во Еквадор, каде што живеат околу 4.000 Албанци.

Во репортажата „ALBANIAN NARCOS: Bullets, Bloodshed & Britain“ се наведува дека кокаинскиот пазар во Обединетото кралство изнесува 2 милијарди фунти, 976.000 корисници и седумкратно зголемување на жртвите од предозирање во последната деценија.

Надлежните британски агенции за криминал покажуваат дека албанските групи за организиран криминал во моментов го држат пазарот на кокаин во сите градови и предградија. Исклучок е само Мерсисајд (реонот на Ливерпул) каде уште доминираат локални гангстери.

Апсолутен господар на албанскиот кокаински бизнис бил извесна мистериозна фигура од подземјето кому му се знае само еден иницијал, тврдат извори на медиумот.

Агенцијата на ОН за дроги и криминал велат дека само во последните две години, производството на кока е зголемено за 35%, заради зголемената потрошувачка во Европа и Северна Америка. 

Минатиот месец, влијателен еквадорски конгресмен предупреди дека албанската мафија ја заразила неговата земја „со насилство, поткуп и прокси-компании, за да изгради нелегален бизнис вреден милиони долари кој се состои од купување кокаин по пониска цена во Латинска Америка и негово продавање во Европа“.

Еквадорскиот кокаин доаѓа во Британија главно преку пристаништата во Ротердам и Антверпен, каде исто така е забележан огромен пораст на криминал поврзан со дроги.

Репортажата открива дека делови од Еквадор се претворени во „Див Запад“ во кој безмилосно се пресметуваат локални картели и албански нарко барони.

18 март 2023 - 10:14