Според информациите на БиБиСи, висок менаџер, еден од главните уредници, и четири други вработени се приведени од полицијата, а 10 други луѓе кои работат во "сродна технолошка компанија" исто така се одведени.
Она што за сега не е познато е дали уредништвото го објавило писмото, или сајтот бил хакнат. Втората варијанта е во игра затоа што "објавувањето на вакво писмо би било рамно на политичко самоубиство за главните поддржувачи на медиумите, меѓу кои се компанијата Алибаба и регионалните власти на провинцијата Синкјанг."
Во писмото сериозно се критикуваат неколку карактеристики на владеењето на Кси, вклучувајќи ја неговата кампања против корупцијата и растот на култот на личноста:
"Во политичката сфера, твоето напуштање на важната политичка традиција, од што најважно е напуштањето на демократскиот систем на колективно лидерство на Постојаниот комитет, и наместо тоа собирање поддршка од сите лидери на сите нивоа, резултираше во претерана концентрација на моќ. Додека ја засилуваш моќта на партиските комитети, ти ја слабееш независната моќ на сите државни органи, вклучувајќи го и премиерот Ли Кечијанг и други."
Минатиов период Кси побара од државните медиуми да ја декларираат својата лојалност кон Комунистичката партија и кон него. Во февруарскиот едиторијал на Чајна Дејли беше порачано дека "неопходно е медиумите да ја вратат довербата на народот во Партијата, посебно откако економијата влезе во нова фаза, а во меѓувреме се појавија гласини дека глобалната економија опаѓа или заостанува."