Што ќе работи Обама по 20 јануари?

Или ќе се накрцка пари од говоранции и мудрувања како Бил Клинтон или ќе си приушти време за некое хоби како Џорџ Буш со своите акварели. Или двете.

На 55 години Барак Обама ќе биде еден од најмладите екс-претседатели во американската историја, група во која се и Теодор Рузвелт, Улис С. Грант и Бил Клинтон.

Модерното постпретседателствување во САД е дефиирано од два екстрема. Од едната страна е Бил Клинтон, кој лансираше влијателна и ултрабогата фондација истовремено заработувајќи милиони за говори и делење лекции, дури и за оние прашања кај кои потфрлил (царот за тоа го имате во „Камерон најде начин да ќари на брегзит“). Од другата е Буш, кој значајно ги скуси своите јавни појавувања препуштајќи му се на цртањето со водени бои (види „Каде е, што прави Џорџ Дуплове Буш?“, или тука ако сакате да цртате како него).

Засега се знае дека Барак и Мишел планираат да останат во Вашингтон додека нивната ќерка Саша не заврши средно во 2019-та. По Вудро Вилсон, тоа е единствениот претседател што решил да остане во градот по истекот на службувањето.

Со оглед на популарноста со која заминува од Белата куќа, сосема извесно е дека ќе напише мемоари, нешто што на Клинтон му донесе 15 милиони долари. Веќе ја кикстартуваше фондацијата Обама во која не ги откриваат главните правци на делување, но се претпоставува дека тоа ќе бидат носителите на неговата политика во двата мандата - здравственото осигурување и климатските промени. Има и уште една организација што му е блиска, а која повеќе е посветена на поддршка на обоените млади луѓе и нивните перспективи.

Тие две организации заедно го враќаат на почетоците на неговиот јавен ангажман во 80-тите години.

„Сакам да го правам она што го правев и порано, да наоѓам начини да им помагам на млади луѓе да дојдат до образование, да најдат работа, да донесат бизниси во квартови што бизнисите ги избегнуваат“, им рече лани Барак Обама на група студенти во Вашингтон.

 

24 декември 2016 - 15:04