Препишување, левел Кинези

Неделава над 9 милиони Кинези ќе полагаат приемен испит за факултет (гаокао), 2 милиони од нив нема да пројдат. Испитот отприлика ти го одредува остатокот од животот па луѓе се решаваат на препишување.

Како прва мерка што се користи за да се спречат измамите е верификување на секој кандидат преку средношколска идентификација. И ова е минимумот, бидејќи ако некој реши да се шверца и да полага испит во туѓо име, тој може да ја фалсификува идентификацијата.

За да се спречи ова властите воведоа проверка на отпечатоци. За да се хакне проверката, испитните дублери почнаа на прсти да лепат фолија со отпечатокот на човекот што треба да полага.

Во дополнителна ескалација на проверките, од минатата година во делови на Кина, Гуангџу, почнаа да се користат програми за распознавање, кои го споредуваат ликот на студентот со оној од средношколската идентификација и фотографијата од матура.

Во Сичуан провинцијата пак користат технологија за препознавање на ирисот. Подеднакво успешен метод за фаќање на дублери е биометриско распознавање на вените во прстот, кои за разлика од отпечатокот се речиси невозможни за фалсификување.

И ова се само мерките кои требаат да спречат полагање во туѓо име. Во спречувањето препишување за време на самиот тест се користат детектори на метал и дронови, кои треба да го спречат препишувањето со помош на дигитални уреди.

Казната за препишувачи на гаокао од минатата година беше зголемена на 7 години затвор.

5 јуни 2017 - 14:30