Мистериозниот помор на пчели трае речиси една деценија а 2012-та била најлоша досега. Американските пчелари лани изгубиле над 40 проценти од пчелниот фонд.
Можни причини се сушите, паразитите, вирусите но и пестицидите, особено од видот неоникотиноиди кои докажано го оштетуваат нервниот систем на пчелите. Па сепак, се проценува дека над 500.000 квадратни километри (колку Калифорнија плус Вашингтон) површина се обработени со овој пестицид.
Надлежната Агенција за заштита на околината е прилично пасивна па пчеларите покренаа тужба против неа затоа што дозволува лесна регистрација на новите пестициди.
За таа цел се користи една дупка во прописите наречена привремена регистрација. За да мине еден пестицид низ редовните проверки некогаш се потребни години па производителите одат по пократкиот пат и успеваат лесно да регистрираат нов пестицид доколку докажат дека е приближно ист со некој веќе регистриран.
На тој начин процедурата ја минале 11.000 пестициди.
Јаболката, морковите, кромидот, праските, јагодите, сончогледот и уште многу корисни растенија директно зависат од опрашувањето на пчелите.