Сосема е погрешна замислата дека некој уметник станал успешен заради следење на нечија рутина. Напредокот се движи во спротивен правец и рутината е само производ на начинот на живот на уметникот.
"Ернест Хемингвеј во секој случај ќе ги напишел некои од најдобрите американски романи дури и ако седел на своето биро наместо да стои, или ако работел бос наместо да ги носи неговите преголеми чевли. Дон ДеЛило и да пишувал се' навечер и на електрична машина наместо наутро и на обична машина, и понатаму ќе беше еден од нашите најдобри писатели. Исто како што Маја Ангелу ќе беше една од најдобрите поетеси ако се тушираше наутро наместо на пладне," пишува Кејси Кеп за Пацифик Стандард.
Таа објаснува дека овие листи со рутини, до кои некогаш не се придржуваат и самите уметници што ги навеле, не кажуваат дека некои од најкреативните луѓе не биле ранобудни, туку ги станувала домашната послуга. Или дека некои од најпродуктивните писатели имале помош од своите партнери, децата или асистенти. Или дека често пати лежерниот пристап кон работата бил можен само заради дарежливата поддршка од семејството, заради која секојдневните финансиски проблеми биле нерелевантни.
"Некои од поскандалозните аспекти на овие уметнички рутини исто така биле извадени од контекст. Писателот кој никогаш не пишувал без неколку џин-тоници починал млад од цироза. Новинарот кој зависел од дроги починал од преголема доза. Уметникот кој изјавил дека е невозможно да слика без да слуша музика, се зел со виолинистка која постојано свирела во неговото студио...
Проблемот е што овие навики не се ништо посебно. Постојано сме соочени со секојдневноста на рутините на вонредните уметници. Сите тие живеат и работат со истите материјали што ние ги користиме. Тие користат пенкало и хартија и лаптоп; тие јадат храна и пијат кафе; тие живеат во станови и куќи; тие пишуваат во кафулиња и библиотеки...
Тоа е најтажниот дел од сите овие листи. Нема тајна состојка за успехот на уметникот; нема магична рутина за создавање уметност. Пишувањето на ливчиња нема да ве претвори во Владимир Набоков. Сите ние сме повеќе од шаблоните на нашите денови и материјалите на нашиот труд," порачува Кеп.