Mечот на деценијата: Генадиј Головкин против Канело Алварез

Едниот личи на руски сметководител, другиот личи на ирски шанкер. Едниот е Казахстанец, другиот е Мексиканец. Едниот е најмоќното нешто што се случило во средна категорија последнава деценија, другиот е најиздржливото нешто што се случило во средна категорија во последнава деценија. На 16-ти септември (сабота) се случува Генадиј Головкин против Канело Алварез, мечот за обединување на титулата во средна категорија и најголемата боксерска борба на оваа деценија.

И за време на циркус спектаклот Мејведер – Мекгрегор боксерските експерти сакаа да нагласат дека Головкин – Канело е најважната боксерска борба што ќе се случи годинава, судир што бокс публиката стварно го заслужува и го чека со години. Ваквата позиција е затоа што за разлика од претходните две егзибиции што Мејведер сакаше да ги продаде како врвни боксерски борби (со Пакјао реши да се бори дури откако и двајцата беа вон својата најдобра форма; со Мекгрегор уште на потпишувањето на договорот беше јасен исходот), овој пат станува збор за борба која ќе се случи во момент кога и двајцата боксери се на врвот од својата кариера.

Токму одлуката на Головкин и Канело да се пробаат во своите најдобри денови ја разбива разочарувачки востановената пракса на боксерските шампиони да калкулираат околу противникот што го избираат и да ги избегнуваат вистински лутите дуели, и го оправдува називот борба на деценијата.

Борба за обединување на титулата во средна категорија или како што официјално се продава Головкин против Канело – “Надмоќ”.

Головкин има 33 нокаути од 37 борби. Канело има 34 нокаути од 49 борби.

Во овие 37 борби Головкин нема ниту еден пораз. Во своите 49 борби Канело има еден пораз, од Мејведер.

Најава на борбата и разговор со двајцата:


10-те најдобри моменти на Головкин:


10-те најдобри моменти на Канело:

 

6 септември 2017 - 11:40