Главната перцепција дека луѓето низ историјата се на иста висина како и денес доаѓа од холивудските филмови, додека реалноста е дека Наполеон со своите 168 сантиметри, бил над просекот во негово време.
Минатата година Универзитетот на Есекс собира статистики кои покажуваат дека во последните 100 години, Европејците пораснале околу 11 сантиметри. Иако бил забележан раст на ниво на сите раси и континенти, Европејците имале најголем процент на раст во споредба со жителите на Латинска Америка, Јужна Азија и Африка.
Поврзаноста меѓу квалитетот на животот за време на детството и растот на човекот, економистот Ричард Стекл го објаснува со функционирањето на машина.
Според него како што машина троши гориво за моторот да работи, така и телото троши калории за да функционираат сите негови делови (дишење, греење, циркулација на крвта, физички труд, борба со инфекции и физички раст). Телото ги користи калориите и за продолжување на нашите коски и мултиплицирање на клетките се додека не заврши пубертетот. Вака функционираат работите кога сме здрави, ама во моментот кога ќе се разболеме или имаме недостаток на храна, организмот сите ресурси ги пренасочува кон одржување на функционирањето на срцето и органите, а растењето има споредна важност.
Во 2004-та на темата пишува и Њујоркер, и објаснуваат дека иако 80% од висината е одредена генетски, за остатокот е одговорна исхраната, поточно: "Варијациите во висина во рамките на една популација се одредени од генетика, ама варијациите во висина меѓу популациите во најголем дел зависат од околината. Ако Џо е повисок од Џек тоа е затоа што неговите родители се повисоки. Ама ако просечниот Норвежанец е повисок од просечниот Нигериец тоа е затоа што Норвежаните живеат поздрав живот."
Во студијата на Универзитетот од Есекс, се забележани и уште неколку фактори:
- Зголемувањето на висината е во согласност со пад на смртноста на бебињата.
- Луѓето што доаѓаат од побогати класи се повисоки.
- Колку повеќе деца има во семејството, толку се пониски.
- Децата на писмените мајки се повисоки.
- Луѓето од индустриските области се пониски отколку оние од земјоделските.
Анализа на висината на Американците покажува и одредени проблеми за добробитта на храната и квалитетот на детството во однос на висината.
Американците со векови се повисоки од кој било друг народ на Земјата. Но во периодот по Втората светска војна тие достигнуваат плафон. Во меѓувреме европските нации почнуваат да растат, па моментално Холанѓаните се највисоки луѓе на светот, а по нив следуваат Данците, Норвежаните и Германците. Американците сега се на ниво на жителите на Јужна Европа, со просек од околу 175 сантиметри за мажи и 162 за жени.
"Американските деца може консумираат повеќе оброци подготвени надвор од домот, повеќе брза храна богата со масти и енергија, а слаба со клучни хранливи состојки. Дополнително, европските системи за социјална заштита создаваат посеопфатна социјална мрежа која вклучува и универзална здравствена заштита," објаснуваат истражувачите од Универзитетот Принстон.