Глобализација

Италијанската мафија како бутик за антиквитети крадени од ИСИС

Во изминативе години на југот од Италија се случува неприродно сојузништво во кое италијанската мафија почнува да соработува со ИСИС, најчесто на замена на сандаци со Калашникови за сандаци со антиквитети.

Новинар на Ла Стампа кој се претставува како богат колекционер на уметнички дела, договара средба со луѓе од италијанската мафија (филијала Калабрија). Конкретната пратка што тој ја разгледува се антиквитети што во Италија пристигнуваат преку Сирте, градот во Либија под контрола на ИСИС, а инаку се собирани на Блискиот Исток и во Либија.

Платежно средство за антиквитетите се Калашникови и ракетни фрлачи, донесени од Молдавија и Украина најчесто преку соработка со руската мафија. Превозот на антиквитетите до Италија се врши со бродови и во контејнери кои се сопственост на кинеската мафија.

Освен Ндрангета од Калабрија (со кои е договорен новинарот), бизнисот го тераат и луѓето од Камора од Кампанија регионот, кои воедно се и двете најмоќни мафијашки организации во земјата.

Пред американските власти да откријат дека Ндрангета им дава оружје на ИСИС во замена за антиквитетите, токму американските музеи и колекционери беа главните муштерии на мафијата од Калабрија. Откако ова се промени, купувачите сега доаѓаат од Русија, Кина, Јапонија и Емиратите.

Што се однесува на новинарот од Ла Стампа, тој се среќава со препродавачот на антиквитети, кој му нуди глава од римска скулптура од вториот век. Иако на главата се очигледни траги од нејзиното корнење од страна на џихадистите таа сепак е во вонредно добра состојба. Цената што му ја бараат за главата е 60.000 евра.

19 октомври 2016 - 16:43