Откако се враќа од Месечината, Баз Олдрин активно работи на промовирање и лобирање за истражување на вселената, во сите можни форми во кои тоа може да го изведе. По пат во овие 50 години тој успева да создаде и бизнис империја базирана на неговата опсесија.
На почетокот од месецов тој поднесе тужба против своите две најмали деца, Енди и Џен Олдрин, и долгогодишната менаџерка Кристина Корп, за злоупотреба на својата позиција во Шеарспејс фондацијата на Баз Олдрин.
Во тужбата има преплет од обвинувања за измама, завера, искористување на постари лица и останати обвиненија поврзани со финансии. Баз ги обвинува своите деца дека преземале контрола врз неговите „лични кредитни картички, банкарски сметки, пари од трустот, сувенири од вселената, профилите на социјалните медиуми и на сите елементи од брендот Баз Олдрин.“ Меѓу конкретните обвинувања се дека Енди Олдрин префрлил 475.000 долари од банкарската сметка на татко му на своја банкарска сметка, и дека искористил 60.000 долари од кредитната картичка на Баз, и двете без негова согласност.
Освен парите, Баз ги обвинува тројцата дека му се мешале во лични работи и му „забраниле“ да се ожени и „конкретно и намерно ги поткопувале, малтретирале и нарушувале сите негови претходни љубовни врски.“ Според Баз тројцата постојано ширеле лаги за него дека има деменција и Алцхајмер.
Во случајот, кој потсетува на она што моментално му се случува на Стен Ли, децата на Олдрин ги отфрлаат сите обвиненија објаснувајќи дека „секое од овие обвиненија е резултат на зголемена конфузија и губење на памтењето кое изминативе години му се случува на тато.“ Во исто време Корп тврди дека тоа е резултат на новата постава на менаџери на новата компанија Бал Олдрин венчурс кои се обидуваат да манипулираат со Баз.