Јули е и руската армија е пред портите на Киев. Претседателот Зеленски имаше итно обраќање пред нацијата во кое ги повтори пркосните зборови кои прв пат ги кажа во февруари 2022, дека нема намера да ја напушти Украина. Не, нему му е потребна муниција за да остане и да се бори со Русите.
Само Западот да слушаше и направеше повеќе кога храбрите Украинци молеа за помош, тоа можеби ќе направеше разлика. Додека сојузниците се препираа, а САД конечно ги испорача дополнителните 60 милијарди долари во помош, и пролетта стана лето, војската на Путин ги проби линиите на југ и исток. Украинските сили кои се повлекуваа можеа само да го успорат напредувањето. Кога Русите се приближија до престолнината, нов бран на бегалци ја напушти Украина барајќи безбедност од незапирливото бомбардирање.
Ова е кошмарното сценарио што сега го разгледуваат западните политичари. Настаните ги присилуваат воените и цивилни лидери во Лондон, Вашингтон, Париз и Брисел да почнат да го мапирааат катастрофалниот колапс на украинските сили на кои не им се испорачани оружјето и муницијата што им се потребни.
Спротивно на преовладувачкиот став дека ова е бескраен „замрзнат конфликт“ во кој ниту една страна не може да добие одлучна предност, фронтовската линија се менува и постои реален ризик украинските сили да бидат дополнително одбиени. Лидерите на НАТО мора да се надеваат дека нивниот собир во јули во Вашингтон на самитот кој ја прославува 75-годишнината на алијансата нема да биде консумиран од таква криза.
Само пред една година сè беше многу поразлично. Надежта тогаш беше дека пролетната офанзива на Украина ќе врати окупирана територија. Тоа не успеа и, како што неделава напиша американскиот Форин афеарс, „Украина крвари. Без американска воена помош, украинските копнени сили нема да можат да ја задржат линијата против немилосрдната руска војска.“
Владите кои најсилно ја поддржуваат Украина се очигледно загрижени и ги разгледуваат дури и најлошите сценарија. Министерката за финансии на САД, Џенет Јелен, издаде неколку предупредувања дека на Украина и снемуваат пари, додека го поттикнуваше Конгресот да изгласа закон за помош кој заглави во законодавните препукувања. Таа порача дека САД ризикуваат да бидат одговорни за поразот на Украина.
Руско напредување очигледно би било катастрофално за Украинците. Тоа исто така ќе го соочи Западот со секакви тешки предизвици. Дали сојузниците ќе испратат војска за да го одбрани Киев? Претседателот Макрон очигледно ја насети опасноста и се обидува да го сврти Западот кон помускулест пристап со зголемување на можноста за испраќање на копнени сили. Кога конечно ќе биде разбрана пораката дека мир за европското население е гарантиран само со сила? Кога Украина ќе падне а Путин ќе продолжи кон Балтикот, Полска, Финска, Шведска или Норвешка?
Никој кој е поддржувач на украинското право на самоодлучување наспроти рускиот варваризам сака ова кошмарно сценарио да се оствари. Сепак влогот е премногу голем. Мора да бидеме свесни за ужасната цена на поразот.
Јас сум за максимална воена поддршка по основа дека Украина мора да победи. Последиците од делумен или целосен пораз ќе бидат катастрофални на начини на кои западната популација едвај почнува да ги разбира. Меѓутоа ние на комфорниот Запад имаме мрзлива навика - далеку од европските фронтовски линии на истокот и југот на Украина - да фантазираме и да бидеме неподготвени за лоши изненадувања. Навистина, руската инвазија на Украина беше изненадување за најголемиот број држави. Американската и британската влада пред почетокот имаа јавна кампања за да ги предупредат своите сојузници. Малкумина го слушнаа тоа, освен Финска, Полска и балтичките држави, каде знаат што значи да се биде прв сосед на експанзионистичка Русија. На други места, беше прифатливо предупредувањата да се отфрлат како уште една погрешна процена на САД и Британија. Ви текнува на Ирак?
Пред Украина, администрацијата на Бајден доживеа пораз заради тоа што не успеа да го предвиди инстантниот колапс на авганистанската влада во август 2021 кога САД си замина. Потоа, првите фази од војната доведоа до уште едно извонредно изненадување. Зеленски одби да го напушти Киев и со тоа ја демонстрираше моќта на поединецот да даде пример на отпор кој го следеа неговите сограѓани.
Овие се три огромни изненадувања за помалку од три години и можат повторно да се случат. Сепак, претпазливото западно јавно мислење како да се помири со ставот дека иако ги помага Украинците да ја одбранат својата татковина, тие се заглавени во невозможна безизлезна ситуација по која следува она што е најверојатно некаков „мировен“ договор кој ќе ги коригира сегашните линии на борба. А потоа ќе може да мислиме на нешто друго.
Анкетите спроведени од Европскиот совет за надворешни односи во јануари во 12 држави покажа дека само 10% од гласачите сметаат дека Украина може да победи. Некои си 37% мислат дека најверојатен е компромис, а 19,5% мислат дека на крај Русија ќе победи.
Секако возможни се и други сценарија освен воен пораз. Би можело да има пуч во Русија или новоизбраниот претседател Трамп да побара воведување на прекин на огнот и Украина де-факто да се предаде. Можеби Украина ќе издржи а Европа ќе се стабилизира и ќе го искористи својот БДП десет пати поголем од оној на Русија и со популација три и пол пати поголема.
Како што сега стојат работите ние сме во опасност да ја заборавиме една од главните лекции од украинската војна. Враќањето на удобноста од пост-Студената војна за безбедноста на Европа не е опција. Треба да размислуваме целосно поинаку околу тоа колку се опасни заканите, соодветно да се вооружиме, и да се подготвиме за најлошото а во најдобар случај да се надеваме на пријатно изненадување.