Каков давеж се тоа туристите

И после ќе кажат туристите се разуздани. Па зошто и не би биле на својот годишен одмор? Буката е неподнослива? Па од вашите локали, каде што ги дерете како мачки, трешти до небо и ден и ноќ. Мочаат насекаде? А не поставивте ниту едно јавно ВЦ. Плажите се валкани? Па треба секој ден да ги чистите.

Секој пат одново те изненадува препотентниот менталитет на нашите луѓе ширум Далмација, каде од овие два-три месеци туризам, цела година фино живее и дебело мнозинство од населението и локалните заедници. За гостите, кои кај нив оставаат убави пари и им ги хранат и школуваат децата - со чест на исклучоците - зад грб зборуваат сè најлошо.

Нема причина во таа смисла посебно да се истакнува името на ниту едно место - а годинава баш повеќе такви ги поминав па би можела - затоа што во сите нив стандардното размислување е главно исто. Туристите за нив се напорни чудаци кои ги угнетуваат со своите неразумни барања. Орда џаболебари кои создаваат неподносливи гужви. Распуштена багра што се домкнала тука од којзнае каде за да шета во гаќи за бањање и да се забавува до 3 часот наутро.

Тоа се циции што ја пребројуваат секоја куна, скапо им е, ма немој, па што не останаа дома? Те пријавуваат ако ти е пукната даската на ВЦ-то како тоа да е некој светски проблем. Со себе ги влечкаат своите кучиња во ресторани, и уште не седнати бараат вода. Цело време нешто потпрашуваат. Не знаат од што е црно рижото. Се тушираат како да не им е морето под нос. На кратко: давеж и малтретирање.

Тоа поретметувње е колективно и надрегионално.

Туристите се ругани и од сопствениците на апартмани во 3-катници без канализација и во аматерски надградените бетонски семејни куќи каде плаќаш по сто евра на ден, а седиш на пластични столици од Певец. Им одат на нерви на угостителите кои вон сезоната ги затвораат своите мувлосани локали затоа што за нив во предвид доаѓа само таков бизнис во кој за 100 дена заработуваш предоволно за 365.

Бизнисмените со кафулиња и барови приправени на плажи и облепени со пластични палмови листови се згрозуваат од тоа што се таа булумента е кадарна да побара да и биде донесено. Пекарите со кроасани од по 10 куни (околу 80 денари) и сендвичарите со хамбургери и останати чуда на брзата услуга сметаат дека на Германците и Словенците им прават чест што воопшто ги послужуваат со храна од која се цеди стар зејтин.

Локалните махери товарат по 150 луѓе во своите бротчиња за да ги однесат некаде на бањање и да им сервираат скуша, лошо вино и скапана диња, а потоа им се смеат на тие будали што така мрсно плаќаат. Па дури и селанките на пазар, каде секој производ е барем два пати поскап отколку на континентот, на цел глас се дерат по тебе ако си им рекол дека 50 куни (400 денари) за кило смокви и е многу скапо.

Има кај нас и одлични туристички енклави, и тоа за сите категории на гости, не само за оние со длабок џеб, и на тоа налетуваш дури и онаму каде што воопшто не очекуваш, меѓутоа тоа е голем исклучок од просекот. Она што мајката природа му го има дадено на наш Јадран, локалното население стократно го наплаќа, меѓутоа смета дека таа скапа кирија едноставно им припаѓа.

И после ќе кажат туристите се разуздани. Па зошто и не би биле на својот годишен одмор? Буката е неподнослива? Па од вашите локали, каде што ги дерете како мачки, трешти до небо и ден и ноќ. Мочаат насекаде? А не поставивте ниту едно јавно ВЦ. Плажите се валкани? Па треба секој ден да ги чистите. Ѓубре насекаде? Па никаде немате ниедна канта, а рециклирање не ни постои. Сè пука во шавови? Јасно дека пука, сте ја изнајмиле секоја дупка, има десет пати повеќе луѓе, што сакате?

Треба од туризам да се заработи седум, осум, десет милијарди годишно на ваков неред и неработа. Па барем, брате, фала да им кажете.

Сања Модриќ

4 август 2017 - 11:13