Во срцето на градот ќе бидат поставени шест бини, а влезот за сите настани ќе биде отворен. Публиката ќе може да проследи повеќе концерти и натпревари и да учествува во работилници. „Скопје стрит фестивал" годинава се одржува по трет пат и настанот е насочен кон будењето на урбаниот пулс во Скопје. Организатор е Здружението на граѓани „Подиум Скопје", а се очекува илјадници луѓе да го посетат дводневниот фестивал.
„Скопје стрит фестивал" праќа порака на обединетост и има за цел да ги оттргне младите од наметнатото секојдневие кое ги задушува и да ги повика во Градскиот парк на забава и едукација. Одличните креативни работилници се уште еден сегмент кој го прави овој фестивал поразличен од останатите. Тие се отворени и се креирани токму од секојдневната инспирација која доаѓа од улицата. Ќе има брејкденс работилница, „Дојди на Custom патика", мултикулти-работилница и тоа се само дел од интерактивните работилници на фестивалот – изјавија организаторите од „Подиум Скопје" на денешната прес-конференција.
Програмата ќе биде распределена на шест стејџа: стрит бол, денс стејџ, графити стејџ, скејт/блејд/БМХ, игло работилници и музички стејџ. Ќе се организираат натпревари на стрит бол и на денс стејџот како и несекојдневна графити битка. За прв пат во Скопје ќе се одржи и отворен „Скопје стрит џем" (Skopje Street Jam), за кој има огромен интерес и од другите земји околу Македонија. Учесници ќе има од Србија, Косово, Албанија и Хрватска.
На главниот музички стејџ ќе настапат: „Бед копи" од Србија, нашиот прогресивен инди поп и кантри бенд „Џун", Ана Мало и Еми Ермилова, Гоце САФ, Димитри фром Чаир, Чваре и Ya'Man. Скопјани ќе имаат и можност под отворено небо да го проследат концертот на андерграунг легендата во драмендбејс музиката, продуцентот и диџеј ЛТЏ Букем (LTJ Bukem) кој ќе настапи заедно со емси Стамина (MC Stamina). На фестивалот ќе има фуд-корнер и шанкови каде посетителите ќе може да се освежат.
На третото издание на „Скопје стрит фестивал" се приклучија социјално-одговорни компании и институции кои ја поддржуваат мисијата за градење на улична култура. Амбасадата на Соединетите американски држави, „Пелистерка", „Македонски телеком", Win Music Freedom, „Ред Бул" и многу други помогнаа фестивалот да остане без карти и отворен за сите. За Скопје, зошто радост е.
Повеќе информации на фан-страната на фестивалот на Фејсбук или на www.ssf.mk.
(комерцијален текст)