Украински функционери директно се обраќаат на клучни организации кои го одржуваат функционирањето на интернетот, да ги исклучат сите руски сајтови од глобалната мрежа. Барањето е до ИКАНН, од кого се очекува да ги дисконектира сите примарни ДНС сервери лоцирани во Русија, што во пракса ќе го спречи пристапот до руските интернет сајтови, потенцијално гасејќи ја и цела држава од интернет.
Во пракса ова ќе значи дека никој на светот надвор од Русија нема да може да отвора руски сајтови, а никој од Русија нема да може да отвори кој било сајт надвор од земјата.
Аргументот на украинската страна е дека земјата очекува руски сајбер напади и дека исклучувањето ќе ги натера руските корисници да бараат сигурни информации на алтернативни локации со што би се спречила пропаганда и дезинформации.
„Ги разбирам луѓето што го бараат тоа, но тоа е базично лоша идеја.
Да се направи такво нешто против Русија која само што спроведе тест на национално ниво за одбрана од истото веројатно не е најпаметниот трик на светот.
Тоа го насочува светот во правец на губење на глобален меѓуоперативен интернет,“ објаснува извршниот директор на Пакет клиринг хаус, непрофитната организација за поддршка на критична интернет инфраструктура, Бил Вудкок.
Летоска Кремљ целосно ја исклучи Русија од светскиот интернет како дел од серија тестови кои требаа да ја „утврдат способноста на Рунет да функционира во случај на надворешни проблеми, блокирање или други закани.“