Едно од најретардираните правила околу сексуалноста, кое го отсликува лицемерието на јавниот морал и покажува дека западниот човек нема решено базични дилеми, а камоли битни ствари, е она по кое машката брадавица е ок, а женската е нешто срамно.
За жал, тоа не е ни непишано правило, бидејќи веќе е преточено во правилата на големите системи што го моделираат сфаќањето и однесувањето на армија луѓе - социјалните мрежи.
Една од тие мрежи е Инстаграм и нивните правила против голотија се прецизни и јасни кога се работи за:
а) гениталии
б) газови
Ама, кога ќе дојде на ред човечката брадавица, таквата „уредувачка политика“ не е лесно да се преточи во програмерски канон поради горенаведените нерешени дилеми околу сексуалноста.
Токму на таа тема е инстаграм-акаунтот @Genderless_Nipples, на кој се постираат исклучиво фотографии од брадавици, но сликани одблиску, за да не може да се познае дали таа е женска (забранета) или машка (дозволена).
Алгоритмите на Инстаграм се изгледа нешто поконзервативно наштимани, па често симнуваат машки брадавици, по што овие се бунат и им фаќаат сеир. За да им ја комплицираат работата на „чуварите на јавниот морал“, некогаш фотошопираат машки брадавици на женски гради, па чекаат реакција од Синодот на Инстаграм.
Оваа показна заебанција се прави во име на каузата #FreeTheNipple, а заради забава или протест можете да им испратите и свои фотки, па да видите како надлежните ја тумачат вашата пупка.