Иако на прва изгледа како уште еден обичен "клауд" сервис како Дропбокс и Гугл Драјв, или варијанта на Рапидшер и (оригиналниот сајт на Дотком) Мегааплоуд, генијалноста на Мега се крие во неговото енкодирање и приватноста што вие ја добивате.
Разликата кај Мега е што сите фајлови што ќе ги аплоудирате на сервисот прво се енкриптираат локално кај вас на компјутер и вие сте единствен што го има нивниот клуч за декрипција. Ова значи дека Мега нема да има поим дали вие аплоудирате семејни слики или комплетна дискографија на некој бенд.
Втора работа се правилата за користење и приватност. Во нив се нагласува дека Мега немаат никаква одговорност за тоа какви фајлови вие ќе споделувате, и дека никој на светот нема да може да пристапи до вашите фајлови без вашиот клуч за декрипција (за кој нагласуваат дека тие го немаат).
Компанијата спомнува дека може да се случи да соработува со властите. Но и тоа не е проблем, бидејќи тие само ќе добијат енкриптиран фајл, кој ќе биде недостапен за кого било без вашиот клуч.
Инаку, MEGA ќе биде достапен во 4 варијанти, од кои една бесплатна во која ќе бидат вклучени 50 гига, и 3 за кои ќе се наплаќа различна членарина од 10 до 30 евра месечно.