Иако акционерите на Тесла ги стрефи шлог уште кога дознаа за твитот, затоа што секое продавање на акции од Маск ќе ја симне цената на акциите, излезе дека и без анкетата тој веројатно секако морал да продаде еден дел.
Објаснувањето на Си-ен-би-си е дека на Маск во скоро време ќе му доспее за плаќање данок на акциите што ги добил во 2012 според договорот за компензација со Тесла. Данокот што Маск треба да го плати за акциите е околу - 15 милијарди долари.
Во 2012 Маск добива 22,8 милиони акции од Тесла по цена од 6,24 долари за акција. Минатиот петок акциите на Тесла чинеа 1.222 долари по акција, што значи дека тој има заработка на акциите од нешто помалку од 28 милијарди долари.
Исто така Тесла неодамна објави дека Маск земал кредит користејќи ги акциите во Тесла како залог, па можно е со парите од 10% од акциите да сака да отплати и дел од овие долгови.
Ваквото позајмување пари по основа на имот кој веќе го имаш е еден од најпопуларните начини за избегнување на плаќање данок кај ултра-богатите, познат како „степ-ап“ шема.
Овој модел има три основни чекори:
1. Купуваш или се стекнуваш со некој имот без разлика дали недвижен, акции или што и да е.
2. Позајмуваш пари по основа на тој имот и ги враќаш, но никогаш не трошиш или не го раситнуваш основниот главен имот.
3. Кога умираш целиот овој имот им се префрла на наследниците, кој во меѓувреме стекнал и далеку повисока вредност, но за цело тоа време ниту ти, ниту твоите наследници нема да платите ни еден долар данок.