Почнувајќи од октомври креаторките и креаторите на содржини нема да смеат да објавуваат експлицитни содржини, меѓутоа и понатаму ќе смеат да објавуваат голи фотографии и видеа. Отприлика целата содржина во иднина ќе личи на порно од ТВ-1000.
Иако платформата не е исклучиво порнографска и е замислена за секој (од филмски, музички и спортски ѕвезди до инфлуенсери) да може да има директен контакт со своите фанови, и тоа да може да го наплати, сепак таа најмногу се прослави како платформа за порно и еротски содржини, која им овозможува на сексуалните работнички / работници безбедно да вадат егзистенција и да не зависат од посредници или огромни продукциски компании.
За време на пандемијата платформата забележа сериозен скок на популарноста како по бројот на креатори, така и по бројот на корисници. Моментално Онлифанс има над 130 милиони корисници.
Бељата од оваа популарност е што на сајтот почнаа да се собираат се повеќе музичари, фитнес инструктори и готвачи, наместо сексуални работнички, па сега Онлифанс сака да излезе од порно-индустријата и да се префрли на меинстрим содржините.
Главна причина за ова е притисокот што го има од банките и компаниите за обработка на кредитни картички. Како и тоа што заради порното не може да собере доволно пари од инвеститори и покрај тоа што компанијата е проценета на 1 милијарда долари.
„Со цел да се осигура долгорочна одржливост на платформата, и таа да продолжи да биде дом на инклузивна заедница од креатори и фанови, нашите правила за содржини мора да еволуираат,“ порачаа од Онлифанс.
Минатата година Онлифанс имаше продажба од над 2 милијарди долари, а годинава е на пат да направи два пати повеќе од тоа. Онлифанс задржува 20% од оваа сума.
Пред некое време Би-би-си имаше истрага која покажа дека компанијата е попустлива кон креаторите кои објавуваат забранети содржини и дека модераторите на сајтот не се држат до поставените стандарди.
Една слична ваква гадливост кон порнографија заради привлекување инвеститори пред неколку години се покажа како погубна за Тамблр, во тоа време една од водечките социјални мрежи.
А таман наши почнаа да отвораат Онлифанс.