Кој не плаќа данок, има

Микрософт кон американската влада има сличен однос како другар што ти должи пари и секој пат кога ќе налетате еден на друг те поздравува, те гушка, и не ти ги ни спомнува парите, ама прашува како сте по дома. Само што во ова другарство Микрософт должи околу 30 милијарди долари.

Компанијата на офшор сметки има 92,9 милијарди долари, за кои кога би ги внела во САД ќе треба да плати данок од 29,6 милијарди долари.

Во ваква ситуација логиката на Микрософт е дека не ги внесуваат парите (приходи од продажба) бидејќи тие се генерирани надвор од САД, и потоа ќе биде реинвестирани надвор од САД, па нема потреба да минуваат низ земјата.

Нивниот коментар за целата работа е дека тоа се правилата и тие го дозволуваат ваквото работење, ама "не велиме дека тие не треба да бидат подобрени, туку напротив веруваме дека можат и треба."

Во обидот да се разбере со Микрософт и слични компании Обама повика на "економски патриотизам," испраќајќи педагошки укор "Не ми е гајле дали е легално. Погрешно е."

Она што во моментот Микрософт го искористува е американскиот закон кој им дозволува на американските компании за парите за кои платиле корпоративен данок во странство да не мора да плаќаат данок во САД. Процените се дека Микрософт сега на офшор локациите плаќа данок од 3,1%. Во САД данокот по иста основа е 35%.

25 август 2014 - 17:02