Додека САД и ЕУ упадливо гласно продолжуваат да потсетуваат за можноста од воведување економски санкции кон Русија заради нејзиното учество во украинската криза, бизнисот си тера непречено.
Бритиш Петрол и рускиот Роснефт деновиве потпишаа 5 годишен договор за набавка на нафтени деривати вреден две милијарди долари.
Цаката е во тоа што огромен дел од договорот (1,5 милијарда долари), Бритиш Петрол ќе мора да плати однапред што значи дека во случај на економски санкции, овие пари ќе им пропаднат.
Никој не се сомнева дека компанија од калибарот на Бритиш Петрол нема да ги употреби сите свои политички линкови и влијанија за да не дозволи ситуација во која ќе мора да се откаже од толкава сума пари.
Претходно, за да покаже дека Европа не е единствената дестинација за руската нафта, Роснефт на економскиот самит во Санкт Петербург потпиша 12 договори со компании од Венецуела, Монголија, Азербејџан, Индија и Куба, а купи и дел од италијанскиот производител на гуми Пирели.
За да лицемерието околу санкциите биде комплетно, првиот човек на Роснефт, Игор Сечин, е еден од оние Руси кои лично се санкционирани заради проценката на Запад дека придонеле за дестабилизирање на регионот.