ИКЕА испаднаа пуси

ИКЕА често знае да направи провокативна кампања. Ама, не сака во својот бренд да увезува туѓи провокации. 

ИКЕА ја избриша фотографијата на која неколку млади луѓе се појавија на нивен мебел облечени во стилот на рускиот бенд Пуси Рајот. Фотката била објавена на нивниот сајт како дел од онлајн натпреварот "Бираме фотографија за насловната на следниот каталог" и во моментот на бришење имала најмногу гласови.

На местото на фотографијата сега стои известување:

"ИКЕА е комерцијална организација која работи независно од политиката и религијата. Не можеме да дозволиме наш маркетиншки проект да се користи како пропаганда".

А на ИКЕА не и се туѓи контроверзи околу рекламите. Лани конзервативниот дел од Италија беше згрозен од нивната фотографија на двајца мажи кои се држат за рака со слоган "Ние сме отворени за сите семејства."

А со Русија се имаат изгорено уште на самото влегување во земјата, кога московското метро одби да им објави две реклами како морално непристојни. Едната порачуваше "Секој 10-ти Европјанин е направен на наш кревет" а другата беше насловна од нивниот каталог на тема "Најчитаната публикација на светот. После Библијата, фала му на Бога".

 

24 септември 2012 - 14:40