Маск во едно од одбранбените интервјуа за Њујорк тајмс (кое требаше колку толку да го опорави неговиот имиџ во јавноста) изјави дека работи по 120 часа неделно (една недела има вкупно 168 часа), и дека од 2001 не земал цела недела одмор, а и тогаш ја земал затоа што имал маларија.
Околу платата на Маск се знае дека во Тесла тој е платен минималец што е дозволен во Калифорнија, меѓутоа и таа плата не ја зема. Додека од Тесла се должни да ја соопштат платата затоа што се јавна компанија (на берза), неговите примања во Спејс-икс, ни приближно не се знаат, бидејќи тука станува збор за приватна компанија.
По иста основа, задолжително објавување, во јануари годинава Тесла го најави својот план за компензација на Маск во следните 10 години, и во него јасно се наведува дека на Маск не му се загарантирани никакви примања (готовина, бонус, прекувремено работење) и дека исплатата исклучиво ќе зависи од тоа што ќе сработи, односно „остварување на достигнувања базирани на приходи“.
Предвидени се 12 вакви достигнувања, а по секое од нив Маск добива одреден процент од Тесла. Последната кралица за Маск ќе биде пазарната вредност на Тесла да достигне 650 милијарди долари.
Моментално Маск работи по 120 часа неделно, што е еднакво на 17 часови на ден, или над 6240 часови годишно. Во следните 10 години тоа се 62.400 часови. Ако вкупната исплата на Маск за 10 години за остварување на сите таргети се теоретски 55,8 милијарди долари тоа значи дека по исполнување на планот Маск за работното време на Тесла и наплаќал по 900.000 долари од час.
Секако, доколку Маск се одлучи да работи помалку работни часови, тогаш тоа само ќе му ја крене цената на работниот час. Останува и опцијата тој да не ги исполни зададените таргети и на крај да заработи 0 долари.