Дубаи, новиот Лондон за руски олигарси

Како што Западот почна да им запленува имот и да им наметнува санкции на руските олигарси, така се повеќе јахти и приватни авиони на истите овие олигарси почнаа да се појавуваат во Дубаи, најверојатно на подолго време.

Меѓу другите во Дубаи слетал, и уште е таму, еден од приватните авиони на Роман Абрамович, кој наводно бара за купување недвижност во Дубаи, најверојатно некоја од резиденциите на палмата Џумерја.

За разлика од Британија и ЕУ, Емиратите немаат наметнато никакви санкции против Абрамович или кој било руски олигарх, а истовремено се дистанцираа и од американската резолуција во Советот за безбедност на О.Н. за осуда на руската инвазија врз Украина.

Во март годинава, споредено со февруари руската побарувачка за недвижности во Дубаи се зголемила за 40%.

Кон ова придонесува и легалната шема која предвидува дека секој што ќе купи недвижност во вредност над 1,5 милиони долари добива резидентна виза во Дубаи.

Иако Русија трпи и воздушна блокада од соседите од Западот, и понатаму во Дубаи слетуваат директни летови од Москва.

„Во Дубаи има стара изрека што вика: кога на регионот му оди добро и нам ни оди добро, ама кога има криза, нам ми оди многу добро,“ ќе изјави поранешниот прв човек за развивање на слободната финансиска зона на Дубаи, Чираг Шах.

Освен флертувањето со руските олигарси сега Западните финансиски аналитичари ги товарат Емиратите и за работењето со ЦИСП (кинеската алтернатива на СВИФТ) преку која според нив пристигнуваат парите од Москва. Стравот е дека овој систем ќе се користи за заобиколување на американските санкции против Русија.

Блумберг пренесува изјава на руски адвокати, кои изјавиле дека адвокатските фирми за кои работат почнале да ги селат во Дубаи заради „раст на побарувачката од Русите да регистрираат компании во Обединетите Арапски Емирати, каде би можеле да го чуваат својот имот, вклучително и финансискиот“.

Во исто време, глобални корпорации како Голдман Сакс, како одговор на инвазијата ги сели своите вработени од Москва во Дубаи, а слична одлука носи и Виза, која сели 100 работени и нивните семејства од Русија во Дубаи.

За време на пандемијата, во 2021, само слободната финансиска зона, Меѓународниот финансиски центар на Дубаи, успеа да привлече рекордни речиси илјада нови регистрации на компании. Меѓу нив се и некои поголеми инвеститори кои заради рестрикциите околу пандемијата решаваат да ја напуштат Азија (Сингапур) и да се префрлат во Емиратите.