Како што густиот чад почнал да ги покрива зградите околу полициската станица во Петрич, така луѓе почнале да паничат и алармираат на 112 (заедничкиот број за итни ситуации).
Еден ден подоцна, кога локалците даваат изјави за медиумите мирисот уште се чувствува.
„Не можеше да се дише, многу беше задимено. Посебно ноќеска. И сега уште се чувствува миризба. Не е нормално сред град да палат канабис. Прозор не можев да отворам. Тоа е дрога. И да не е дрога, пак е дим, и ги задушува луѓето,“ изјавиле очевидци за бугарската Нова ТВ.
Масовното палење започнало во 6 часот наутро и траело до 14 часот, а се палеле 6 тони канабис запленети во полициска акција во околината на Петрич во ноември минатата година.
Што е до бугарското МВР, тие тврдат дека сите процедури биле запазени, а на лице место имало луѓе од републичкиот здравствен инспекторат, еколози, цариници и претставници на министерството за здравство. Плус, од МВР потсетиле дека канабисот не се смета за опасна супстанца која претставува ризик за здравјето на луѓето, па немало причина за драмење.