Судирот меѓу организаторите на неделниот протест во Атина против давање на името и властите, продолжува и денес откако грчкиот министер за цивилна заштита Никос Тоскас излезе со информација која ја поткрепува верзијата на грчката полиција дека на протестот имало 140.000 луѓе.
Наспроти властите, организаторите тврдат дека името Македонија излегле да го бранат меѓу еден и еден и пол милион луѓе.
Во изјава за грчката телевизија АНТ1, Тоскас изјавува дека процената дадена од грчката полиција е „целосно точна“ и „тоа нема никаква врска со политичка наклонетост.“
За да ја поткрепи својата верзија грчката полиција објави снимка од дрон која ги покажува улиците околу плоштадот Синтагма за време на собирот. Иако на снимката нема датум и време (не работела таа функција на камерата), според Тоскас видеото е од 14:55.
Тој објаснува дека бројката на која инсистираат организаторите е значително погрешна и дека таа кога би била точна протестот би бил распослан низ повеќе блокови во околината на Синтагма.