Потребни состојки:
- 3 јајца
- мортадела
- печурки
- домат
- кашкавал
- путер
- млеко
"Е што бе, омлет" е гарант првата мисла што ви пролета низ глава. Е добро де, па и тоа се јаде, но има едно нешто што не сте го правеле до сега (а можеби и сте), па затоа овој рецеп денес.
А зошто за во недела? Па недела е најубав ден за одмарање. Петокот си излегол, саботата исто така и нормално во недела ти се дреме и денот го започнуваш со добра храна. Мене ме разбудија во недела сабајле и ме повикаа да го направам ова. Јас, како позната по правење добри омлети (ми умре циганката), без да се двоумам изрипав и се нацртав на лице место (мртва гладна бев, не за друго). Си направив кафе, извадив се што има во фрижидер и почнав.
Чекори за подготовка:
- Во загреана тава ги ставате печурките. Откако ќе се пропржат, тогаш додавате путер. Зејтин не користите воопшто (хинт 1). Ја додавате мортаделата или било која друга салама.
- Пропржувате и го додавате доматот но без семките. Исчистете ги семките претходно инаку ќе се стори манџа.
- Зачинувате со сол и бибер. Јајцата ги матите убаво, стандардно, со вилушка и додавате млеко (хинт 2). Не многу, не ни знам точно колку бидејќи од око ставам, да речеме 50мл. Ги додавате во тавата.
- Некаде при крај додадете го кашкавалот. Она што јас го најдов во фрижидер беше Талеџио. Убаво и меко сирење. А вие можете да ставите Бри на пример или било што, ваш избор.
- Не мора да чекате да се стопи кашкавалот, откако ќе го преклопите самата топлина ќе го направи тоа.
- Послужете го на убав тањир, наросете малу пармезан доколку имате и навалете во оваа неделна бомба за доручек.